Уште полесно ќе се оди на сезонска печалба, ЕУ ги олеснува правилата за работници од трети земји
Европскиот систем за влез и за излез (EEС) ќе ја зголеми контролата врз престојот на сезонските работници од трети земји, но тоа не значи дека нашите сезонските работници кои најчесто одат во Хрватска, потешко ќе заминуваат таму доколку се исполнети потребните услови – договор за работа, сместување, дозвола…
Европските земји догодина ќе ги олеснат правилата за ангажирање на работници од трети земји, вклучително и од Македонија, а целта е да се превенира огромниот недостиг на работна сила, но и да се привлечат што повеќе глобални таленти. Тоа е суштината на европската Директива 2024/1233 за единствена постапка за аплицирање за единствена дозвола за државјани надвор од ЕУ за престој и работа во земја-членка и за заеднички сет на права за работници надвор од ЕУ, која земјите членки на ЕУ треба да ја транспонираат во националното законодавство до 21 мај 2026 година. Тоа практично значи дека земјите надвор од ЕУ, вклучително и Македонија ќе ги изгубат и оние малку работници кои ги имаат.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
– Директивата (ЕУ) 2024/1233 има за цел да ги поедностави процедурите за миграција на работна сила на државјани надвор од ЕУ (државјани на трети земји) во Европската Унија (ЕУ) и да обезбеди фер третман на работниците надвор од ЕУ преку: воспоставување поедноставена постапка за аплицирање за една единствена дозвола која ги опфаќа и правото на престој и правото на работа; утврдување заеднички сет на права и еднаков третман за работници надвор од ЕУ кои законски престојуваат во земја-членка на ЕУ – стои во објаснувањето на Директивата.
Но, она што македонските граѓани најмногу ги интересира е податокот како новиот Европски систем за влез и за излез (ЕЕС), ќе влијае врз нивниот евентуален сезонски ангажман во Хрватска догодина, бидејќи тие правила им дозволуваат на граѓаните од трети земји (кои не се членки на ЕУ) да останат во рамките на Шенген зоната 90 дена во рок од 180 дена. Годинава повеќе од 15.000 Македонци работеа во оваа европски држава.
-EEС ќе влијае главно, така што ќе ја зголеми контролата врз престојот на сезонските работници од трети земји, ќе ги направи процесите покомплексни и ќе бара поголема усогласеност со законодавството. Но, не значи дека ангажирањето на сезонски работници од трети земји подолго од 90 дена во Хрватска ќе биде невозможно — доколку се исполнети условите (договор за работа, сместување, дозвола, итн.) како што е наведено во хрватските правила – вели за „Слободен печат“, еден реномиран угостител од Дубровник.
И дел од граѓаните кои само што го завршија годинешниот сезонски престој во Хрватска, велат дека и догодина ќе одат таму без дополнителни проблеми.
-Мислам дека новиот систем ЕЕС нема да влијае врз нашата работа, бидејќи сезонските работници имаат работна виза, исто како и досега – вели за нашиот весник еден македонски работник, кој со години работи во Хрватска.
Странските работници ќе добијат тригодишна работна дозвола во Хрватска
Во февруари 2025 година, Хрватскиот парламент го усвои новиот Закон за странци, кој носи значајни промени во регулирањето на работата и престојот на странските државјани во Хрватска. Новиот закон за странски државјани ќе помогне во регулирањето на пазарот на трудот и во хармонизација со европските стандарди, а воведува и бројни нови карактеристики и за работодавачите и за странските работници.
Една од најважните промени е продолжувањето на времетраењето на дозволите за престој и работа. Додека дозволите претходно се издаваа за период до една година, странските работници сега можат да добијат дозвола до три години, под услов работодавачот да склучи договор за подолгорочен работен однос со нив. Оваа промена носи значително намалување на административниот товар за работодавачите и поголема безбедност за странските работници, овозможувајќи долгорочно планирање на работната сила.
Законот воведува строги квоти за односот на домашни и странски работници.
За занимања со недостиг, работодавачот може да вработи до 12 странци по домашен работник (сооднос 8%), додека за занимања без недостиг, работодавачот може да вработи до 6 странци по домашен работник (сооднос 16%). Во текот на преодниот период, сè додека не се воспостави целосно управување со барањата, важи правило според кое работодавачите кои вработуваат помалку од 50 домашни работници имаат право да поднесат до 50 барања за работна дозвола, додека работодавачите кои вработуваат 50 или повеќе домашни работници имаат ограничување од 250 барања.
Оваа регулатива особено влијае на секторите градежништво и угостителство, каде што има голем прилив на странски работници без дефинирани ограничувања. Работодавачите нема да можат да вработуваат работна сила преку агенции за привремено вработување без да ги исполнат сите услови, бидејќи дозволата до агенцијата се издава за одреден работодавач.
Полесно вработување во Шведска, Италија ќе издаде 500.000 дозволи
Шведска меѓу првите европски земји најави дека од 21 мај 2026 година ќе спроведе пет големи реформи во својот систем за Единствена дозвола за странски работници, со цел да привлече повеќе глобални таленти и да ја зајакне заштитата на работниците.
Промените ќе им го олеснат на професионалците кои не се од ЕУ да живеат и работат во земјата, нудејќи поголема флексибилност, побрзо време на обработка и посилни правни заштитни мерки. Ажурирањата се дел од усогласувањето на Шведска со Директивата за Единствена дозвола на ЕУ, ревидирана во 2024 година, која има за цел да ги поедностави процедурите за миграција низ Европската Унија и да го направи регионот поконкурентен во привлекувањето квалификувани државјани од трети земји.
Италија, пак ќе издаде речиси 500.000 работни дозволи на работници од земји надвор од ЕУ до 2028 година. Работните дозволи првенствено ќе бидат достапни за: сезонски и несезонски работници, градежнии, земјоделски и домашни работници, вработени во угостителството и туризмот, како и здравствени работници, особено лица кои се грижат за други.


