Упад во канцеларија и закани со војска – што се случувало меѓу Залужни и Зеленски?
Поранешниот командант на украинската војска Валериј Залужни првпат јавно проговори за сериозниот судир со претседателот Володимир Зеленски, откривајќи детали кои досега не ѝ беа познати на јавноста. Во интервју за „Асошиејтед прес“, Залужни отворено го обвини Зеленски за неуспехот на големата украинска контраофанзива во 2023 година и потврди дека нивните односи биле длабоко нарушени уште од првата година од руската инвазија.
Препорачано
Залужни, кого Зеленски го разреши од функцијата врховен командант на почетокот на 2024 година, а потоа именуван за амбасадор на Украина во Велика Британија, изјави дека тензиите меѓу него и претседателот започнале набргу по почетокот на војната, а кулминирале кон крајот на 2022 година, кога агенти на украинската Служба за безбедност (СБУ) упаднале во неговата канцеларија во Киев.
Според неговите зборови, инцидентот се случил една вечер во септември 2022 година, во момент кога украинската војска успешно напредувала на североистокот од земјата. По напнатиот состанок во претседателскиот штаб, Залужни се вратил во својата канцеларија, за неколку часа подоцна да се појават десетици агенти на СБУ со намера да извршат претрес. Во просториите во тој момент се наоѓале и британски офицери, вели Залужни.
Тој тврди дека агентите не му објасниле што бараат и дека им оневозможил пристап до документи и компјутери. Упадот го доживеал како отворена закана и обид за заплашување.
Како што раскажал, веднаш го повикал тогашниот шеф на претседателската канцеларија Андриј Јермак и му порачал дека е подготвен да ја употреби војската за да го заштити командниот центар.
„Му реков на Јермак дека ќе пружам отпор на тој упад, бидејќи знам да се борам“, изјави Залужни. Додаде дека предупредил оти веќе повикал засилување во центарот на Киев.
Подоцна разговарал и со тогашниот шеф на СБУ Васил Малјук, кој му рекол дека не знае ништо за рацијата и дека ќе го испита случајот. СБУ накнадно соопшти дека никаков претрес во канцеларијата на Залужни не бил спроведен, туку дека адресата била дел од истрага за организиран криминал, неповрзана со него.
Сепак, Залужни тврди дека налогот за претрес бил само изговор и дека е тешко да се поверува дека безбедносната служба „случајно ја погрешила локацијата на главниот воен команден центар“.
Иако „Асошиејтед прес“ наведува дека не можел независно да ја потврди неговата верзија на настаните, јасно е дека односите меѓу претседателот и тогашниот командант на војската оттогаш биле сериозно нарушени.
Најголемиот судир избувнал околу планот за контраофанзивата во 2023 година, која на крајот доживеа неуспех. Залужни тврди дека првичниот план, развиен со помош на НАТО партнери, предвидувал концентрација на силите на еден правец – кон Запорожје и Азовското Море, со цел да се пресече копнениот коридор што Русија го користи за снабдување на Крим.
Според неговите зборови, за успех била потребна голема концентрација на војска и елемент на изненадување. Наместо тоа, силите, како што тврди, биле распрснати долж широк фронт, со што била „разводнета ударната моќ“ на украинската војска.
Тој смета дека Зеленски и дел од политичкиот врв не ги обезбедиле потребните ресурси и не ја поддржале стратегијата што можела да донесе одлучувачки резултат.
Двајца западни одбранбени функционери, кои зборувале анонимно за АП, потврдиле дека постоела сериозна расправа околу распоредот на силите и дека имало сомнежи во одржливоста на конечниот план.
Во февруари 2024 година Зеленски го разреши Залужни од функцијата командант на војската, и покрај неговата голема популарност во јавноста, и го испрати на должност амбасадор во Лондон. Тој потег многумина го протолкуваа како обид потенцијалниот политички ривал да се оддалечи од центарот на случувањата и да му се ограничи влијанието.
Иако Залужни одбива отворено да зборува за претседателски амбиции и тврди дека не сака да го нарушува националното единство за време на војната, неговиот јавен настап во политичките кругови се толкува како сигнал за можна кандидатура по завршувањето на конфликтот.
Анкетите покажуваат дека во хипотетичка претседателска трка Залужни би имал блага предност. Според неодамнешно истражување на агенцијата Ипсос, него би го поддржале 23 отсто од гласачите, додека Зеленски би добил 20 проценти. Популарноста на претседателот опадна како што војната се одолжуваше, а дополнително беше нарушена од корупциски скандал во кој беа вмешани одредени високи функционери од неговата администрација.
Залужни наведува дека со Зеленски разговарал двапати по неговото разрешување и дека разговорите биле „апсолутно пријателски“, но јасно е дека разликите во гледиштата за водењето на војната остануваат длабоки.
Додека Соединетите Американски Држави го засилуваат притисокот врз Киев и Москва да ја завршат војната, а Зеленски начелно го прифаќа планот на американскиот претседател Доналд Трамп кој предвидува избори и безбедносни гаранции по завршувањето на конфликтот, во Украина веќе се наѕира политичка борба за периодот по војната.
Првпат од почетокот на инвазијата, најпопуларниот генерал јавно стави дел од одговорноста за најголемиот воен неуспех врз самиот државен врв – со што отвори ново поглавје во односите меѓу военото и политичкото раководство на Украина.
Залужни чека во сенка – дали тој е новиот фаворит за претседател на Украина?


