Универзитетот на Плаошник не работи, ама затоа потрошил 12 милиони евра

Фото: Принтскрин / Јутјуб

Повеќе од 12 милиони евра се потрошени за возобновувањето на Свети Климентовиот универзитет на Плаошник, во Охрид, а за реконструкцијата на Античкиот театар Скупи, од планираните 8,5 милиони евра, реализирани се само 7,5 проценти, утврдија државните ревизори. Двата објекти, кои требаше да бидат туристичка атракција, сè уште не се во функција, иако изградбата на Универзитот на Плаошник е почната во 2010 година.

„Ревизорите утврдиле дека од програмата за возобновување на Св. Климентовиот Универзитет на Плаошник, од 2010 година до денот на ревизијата, потрошени се средства во износ од 748 милиони денари. За овој проект се склучени два основни договори по спроведени постапки за јавни набавки за кои во текот на годините се склучени повеќе анекси. Утврдени се повеќе слабости во делот на непочитување на одредбите од Законот за јавни набавки, Законот за градење и одредбите на склучените договори,“ пишува во извештајот на Државниот завод за ревизија. Според ревизорите, судските постапки кои се водат можат дополнително да го оптоварат буџетот на Управата за за заштита на културното наследство.

Во врска со реконструкцијата на Плаошник, против тогашниот директор на Управата, Паско Кузман, финансиската полиција во 2018 година поднесе кривична пријава поради сомнение за злоупотреба на службената положба и овластување. Според пријавата, државниот буџет е оштетен за 240 илјади евра, бидејќи изведувачот на работите во Плаошник, тетовското претставништво на „Конструктор инженеринг“ од Сплит, лажно прикажал дека за изградба на објектот биле набавени материјали и дека биле извршени градежни работи. Управата го рaскинала договорот со „Конструктор инженеринг“ во 2012 година.

Претходно, Кузман беше осуден на три години затвор поради давање согласност на физички лица за изведување земјени работи на две локации со цел проверка на постоење културно–историско наследство.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот