Уништувањето на Лешница е злостор против природата

Фото: илустрација

Од иницијативата најавија дека ќе ги оспорат договорите за концесија и дозволите за градба, бидејќи во текот на процедурите за одобрување на градбите на малите хидроцентрали не биле запазени ниту биолошка разновидност ниту законската обврска за учеството на јавноста во процесот на одлучувањето.

Зелен фронт против малите хидроцентрали на Шар Планина отсега ќе се бори за ослободување на водите на шарпланинските рекички од нивно заробување во бетон и железни цевки, најавија еколошки здруженија, активисти, планинари и мештани од Тетово и околината, кои прексиноќа одржаа средба во центарот на Тетово.

– Денес го означивме почетокот на кампањата „Стоп за мали хидроцентрали на Лешница“, која ќе продолжи сè до донесувањетo одлука за запирање на изградбата на малите хидроцентрали во идното заштитено подрачје Национален парк Шар Планина – соопштија претставниците на иницијативата.

– Досега се изградени 11 мали хидроцентрали, но се планира да се градат уште 15, и покрај тоа што е во тек процесот за прогласување на Шар Планина за национален парк, потсетија присутните на завчерашната средба. Тоа значи целосно уништување и бетонирање на природата, намалување на шумскиот фонд, повеќе загадување на воздухот, создавање свлечишта и загрозување човечки животи – истакна Дејан Доневски, планинар и член на Иницијативниот одбор.

Од иницијативата најавија дека во наредниот период ќе ги оспорат договорите за концесија и дозволите за градба, бидејќи во текот на процедурите за одобрување на градбите на малите хидроцентрали, не биле запазени ниту одредбите на Конвенцијата за биолошка разновидност, ниту пак законската обврска за учеството на јавноста во процесот на одлучувањето и пристап до информациите поврзани со животната средина.

– Доколку е потребно, ќе излеземе на терен за да ја спречиме изградбата – рече Доневски.

– Сметаме дека уништувањето на најубавите предели на Шара со изградбата на мали хидроцентрали, како и одземањето на изворите на пивка вода на луѓето и на живиот свет на планината, е злостор кон природата и дека мора да се застане на пат на хидромафијата, која стои зад ваквите проекти и која успеала да ги истурка низ институциите за да се реализираат иако се штетни – рече Нгандим Мехмети од граѓанското здружение „Еко-герила“ од Тетово.

На средбата беше најавено и дека на еколошката акција на тетовските планинарски друштва за чистење на излетничкото место Лешница, планирана за в недела, ќе ѝ биде дадена и протестна димензија со повикот за спас на реките на Лешничката долина. На Лешница во моментов забрзано се одвива изградба на две мали хидроцентрали и веќе може да се забележи негативниот ефект од тие градежни зафати.

Досега отпорот против изградба на малите хидроцентрали се случувал спорадично, при што населението во Жировница, Вратница и во Беловиште успешно спречи изградба на четири мали ХЕЦ на реките од кои се снабдуваат со вода.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот