Уникатно искуство за сите сетила ќе донесе концертот под свеќи на камерниот оркестар „Профундис“

Концерт под свеќи за првпат ќе се одржи во Македонија

Илјадници свеќи ќе ја осветлат сцената на Македонската филхармонија на премиерното издание на првиот „Candlelight“, концерт под свеќи на камерниот оркестар „Профундис“, што ќе се одржи на 12 април, со почеток во 20 часот.

Концептот на „Candlelight“, концерт под свеќи, е светски познат тренд кој за првпат ќе биде поставен на сцена пред македонската публика. Музичките критичари го опишуваат како уникатно искуство каде традиционалниот концертен амбиент се трансформира во хипнотизирачка музичка симбиоза облеана во топлиот сјај на свеќите. Интимниот амбиент овозможува подлабока врска помеѓу публиката и изведувачите, создавајќи извонредно концертно искуство.

На концертот како солист ќе настапи светски познатиот виолинист Марио Хосен, чија виртуозност и волшебно сценско присуство му носат признание на престижните сцени ширум светот.

Хосен и „Профундис“, под диригентската палка на маестра Ѓурѓица Дашиќ, ќе ѝ претстават на публиката музичко патување низ делата на реномираните композитори Вивалди, Паганини, Холст и Глас.

– Продолжуваме со идејата дека камерниот оркестар „Профундис“ ќе биде иновативен, креативен и модерен. Овојпат со концерт под свеќи, којшто во моментот е вистинска атракција во 173 градови ширум светот, а премиерно со овој концерт списокот се проширува и со Скопје. На наше големо задоволство како солист ќе настапи светски познатиот виолинист Марио Хосен, кој ќе ги изведе четирите годишни времиња од Антонио Вивалди, како и виртуозното дело од Никола Паганини – „I Palpiti“, кое многу ретко се изведува поради специфичната техничка виртуозност и спаѓа во топ 10 најтешки дела за изведба на виолина. Дополнително на концертот ќе има и праизведба на дело од Филип Глас. Овој концерт е повеќе од обична изведба – тоа е извонредно искуство на уникатноста на нашите сетила и универзалниот јазик на музиката – истакнува маестра Дашиќ.

Марио Хосен, познат по својата неспоредлива виртуозност и волшебно сценско присуство, ги краси престижните сцени ширум светот заедно со врвните оркестри, вклучувајќи ги Лондонската филхармонија, Виенскиот симфониски оркестар и многу други. Со голема страст за светското музичко наследство, стручноста на Марио се фокусира на Николо Паганини, правејќи го како еден од најистакнатите толкувачи и авторитети за изведување на музиката на Паганини.

Камерниот оркестар „Профундис“ е уметнички состав кој постои веќе три години и чии цели се промоција на квалитетот и особеноста на изразот со посебен акцент на оригиналноста на сите концертни изведувања. Во него членуваат едни од најистакнатите македонски инструменталисти што се дел од двата професионални оркестри во РСМ, Националната опера и балет и Националната филхармонија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот