Илустративно фото: Unsplash

Унгарската полиција со акции затвори клубови каде се користи дрога – локалите сметаат дека се таргетира културниот живот

Клубовите „Арсенал“ и „Турбина“ во Будимпешта добија наредба од полицијата привремено да затворат поради сомнение за „употреба на дрога“ во објектите, со што бројката на затворени клубови постојано расте, пренесува Миксмаг.

Од крајот на минатата и почетокот на оваа година спроведува широка акција против ноќниот живот поради наводна употреба на дроги, со бројни рации и апсења. Во ноември, 211 лица беа уапсени под сомнение за поседување дрога по посетата на ноќниот клуб „Доџо“, сместен во центарот на Будимпешта.

Според унгарскиот медиум Телекс, клубот „Aрсенал“ бил затворен по неколку апсења поврзани со дрога на крајот од февруари, меѓу кои и апсењето на 22-годишен маж под сомнение за трговија со дрога, откако при претрес кај него биле пронајдени 69 таблети екстази.

„Арсенал“ е поранешна фабрика за оружје и најголемиот затворен ноќен клуб во Унгарија, а на Инстаграм потврди дека му е наредено да затвори на два месеци, без можност за настани до 27 април. Клубот смета дека таргет е културниот живот.

„Сметаме дека е особено строго што ова се случи токму на денот кога имавме закажан настан“, стои во соопштението. „Одлуката предизвикува значителна штета за нашите гости, организатори, уметници и целиот наш тим“.

Клубот нагласи дека има политика на „нулта толеранција“ за дроги, но дека е „угостителски и простор за настани, а не орган на прогонот“.

„Немаме ниту законско право, ниту практична можност да спроведуваме официјални процедури или целосно да спречиме скриени прекршувања. Присилното затворање од два месеци сериозно ги загрозува 6–7 години напорна работа и егзистенцијата на речиси 50 членови на тимот “, посочија од клубот, за кој рекоа дека е изграден од нула, без голема финансиска поддршка, па ја повикаа и локалната заедница на кампања за донации.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Arzenál (@arzenalbudapest)

На 4 март и „Културениот центар Турбина“ – андерграунд уметнички и музички простор во центарот на градот – доби наредба да се затвори. Полицијата соопшти дека гости купувале „марихуана, прашок со амфетамин и таблети екстази“ од државјанин на Тунис, кој бил уапсен на 26 февруари.

Во вчерашното соопштение на Инстаграм, „Турбина“ наведува дека била „набљудувана неколку недели како дел од тајна операција, при што не биле утврдени прекршувања“.

„По операцијата, раководителот на мисијата го информираше нашиот шеф за обезбедување дека не треба да очекуваме затворање, бидејќи не наишле на такво ниво на професионалност, внимание и примерна работа во други ноќни локали во Будимпешта и биле целосно задоволни од функционирањето на Турбина“, пишаа тие.

„Спротивно на тоа, сегашното затворање изгледа се темели на сведочење поврзано со тековна постапка, во која некој тврди дека купил нелегална супстанција во нашиот омилен заеднички простор. Оваа акција е последица на правна средина која става непропорционална одговорност врз културните простори“, додаваат од таму.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by TURBINA (@turbinabudapest)

Според Екпатлуп, „Турбина“ е осмиот објект во Будимпешта затворен од декември навака.

Во декември, владата на Унгарија одобри законска регулатива, со која ѝ се дозволува на полицијата да затвори објекти „до три месеци“ доколку се осомничени дека „овозможуваат производство на дроги или извршување кривично дело со супстанции што влијаат на умот или на перформансите“.

Како реакција на законот, илјадници луѓе се собраа на протестот „Танц за слобода“ пред унгарско национално Собрание во Будимпешта на 6 декември, тврдејќи дека масовните рации во клубови „ги кршат основните слободи и не прават ништо за да ја намалат зависноста од дрога“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот