Уметничкиот проект „Нова перспектива / Трансформер продукција“ ќе биде изложен во МКЦ

Во „Галерија 2“ на Младинскиот културен центар во Скопје на 20 ноември (понеделник), во 20 часот, ќе биде отворена изложба на која ќе биде претставен заедничкиот проект „Нова перспектива / Трансформер продукција“ на авторките Елизабета Тошевска и Анета Стојчевска. Изложбата ќе биде поставена до 4 декември.
„Нова перспектива / Трансформер продукција“ е замислен како заеднички проект на ликовните уметници Елизабета Тошевска и Анета Стојчевска, во кој, секоја со својот уметнички израз и визуелна перцепција на уметничкото дело – скулптура, претставува нови поинакви трансформирани видувања на мотиви/ форми/ принципи користени низ историјата на уметноста.
– Елизабета Тошевска ја истражува женската фигура, и воопшто жената, низ времето и не запознава со внатрешното длабоко – Јас. Таа, преку делата ни прикажува интимен разговор со себе, но во истовреме го провоцира и поттикнува набљудувачот на размислување за времето што непрекинато изминува покрај нас и како неосетно остава траги на нашата личност.
Додека, Анета Стојчевска, инспирана од ликовната уметница Рејчел Вајтрихт и нејзиниот принцип со користење на негативи, израборува макети од огледала на нов проектиран простор-просторија, истите ги умножува со мала видлива разлика во нивните големини, доближувајќи ги до производ од сериско производство.
Покрај заедничкиот наслов дополнително е замислено користење на одделни наслови и поднаслови аплицирани – испишани кај фотографиите од скулптурите на Елизабета Тошевска и кај скиците / плановите на Анета Стојчевска, поставени во простор визуелно физички одделен од просторот во кој би биле претсавени: скулптурите и 3Д-макетите од огледала – посочува проф. д-р Трајче Стојанов, естетичар.
Елизабета Тошевска (Скопје, 1972) е дипломиран вајар на ликовната академија во Штип кај проф. Слободан Милишески во 2019 година, додека Анета Стојчевска (Крива Паланка, 1983) дипломира во 2009 година на Факултетот за ликовни уметности – Скопје, на педагошки оддел, отсек скулптура во класата на професор Станко Павлески.