Ударни вести и вештачката интелегенција, совршен спој за дезинформирање

Сликата, која ги имаше сите белези на фотографија генерирана со вештачка интелигенција, беше споделена од голем број потврдени Твитер профили што имаат син беџ, вклучително и еден кој лажно тврдел дека е поврзана со компанијата Блумберг.

„Голема експлозија во близина на комплексот Пентагон во Вашингтон – првичен извештај“, објави профилот, заедно со фотографија на која наводно се гледа црн чад кој се издига во близина на големата зграда во САД.

Твитер потоа го суспендира профилот, а останува нејасно кој стои зад него и од каде е фотографијата. Портпаролот на „Блумберг њуз“ рече дека спорниот профил не е поврзан со новинската организација. Да потсетиме, Твитер, кој е во сопственост на Илон Маск, сега дозволува секој да добие верификуван профил во замена за месечна уплата. Како резултат на тоа, Твитер верификацијата веќе не е показател дека профилот навистина го претставува оној кој го креира.

Лажни извештаи за експлозијата се појавија на голема индиска телевизиска мрежа. Имено, телевизијата Република објави дека се случила голема експлозија, прикажувајќи лажна фотографија и повикувајќи се на извештаите на руската новинска агенција РТ. Индиската телевизија го повлече извештајот кога стана јасно дека инцидентот не се случил.

„Република објави вест за можна експлозија во близина на Пентагон, повикувајќи се на објава и слика кои ги твитнала РТ“, објави агенцијата подоцна на својот Твитер профил. „РТ ја избриша објавата, а Република ја повлече веста“.

Руската медиумска куќа РТ ден подоцна во соопштение наведе дека ги известиле граѓаните за извештаите кои кружат и дека кога ќе се утврдат потеклото и вистинитоста, презеле соодветни чекори за исправање на извештаите. Во објава на руската платформа ВКонтакте во вторникот, РТ се обиде да ја оправда својата очигледна грешка.

„Дали Пентагон гори? Погледнете, има и фотографија. Тоа не е реално, тоа е само фотографија генерирана со вештачка интелигенција. Сепак, таа успеа да измами неколку големи медиуми полни со наводно паметни луѓе“, се наведува во изданието на РТ.

Недолго откако фотографијата почна да кружи на Твитер, американската берза забележа значителен пад. Индексот на Dow Jones Industrial Average падна за околу 80 поени меѓу 10:06 и 10:10 часот, но целосно се опорави веќе до 10:13 часот. Зградата на сликата не личи на Пентагон и според експертите содржи сигнали дека е создадена со помош на вештачка интелигенција.

„Оваа слика ги покажува типичните знаци на синтетизирање со вештачка интелигенција: има структурални грешки на зградата и оградата што нема да ги видите ако, на пример, некој додаде чад на постоечка фотографија“, велат експертите.

Противпожарната служба на Арлингтон во Вирџинија подоцна одговори на твитот, наведувајќи дека тие и Агенцијата за заштита на силите на Пентагон „се запознале со извештајот на социјалните мрежи што кружи на интернет за експлозија во близина на Пентагон. Нема експлозија или инцидент во или во близина на резерватот на Пентагон и нема непосредна опасност за јавноста, велат тие. Сепак, од самиот почеток беше јасно дека нема други сведоци кои од прва рака ќе го потврдат настанот, особено во прометна област како што е Пентагон.

„Затоа е толку тешко (би рекол дури и практично невозможно) да се создаде веродостоен лажен настан од таков тип“, напиша Вотерс на Твитер.

Самата зграда изгледа значително поразлична од Пентагон. Ова лесно може да се потврди со помош на алатка како Google Street View за споредба на двете слики.

Останатите детали, меѓу кои и необична улична светилка и црн столб што ѕирка од тротоарот, беа дополнителен доказ дека сликата не е онаква како што изгледа. Вештачката интелигенција сè уште има потешкотии да пресоздава локации без да воведе случајни артефакти.

Како да забележите фотографии генерирани со вештачка интелигенција Постојат многу алатки како Midjourney, Dall-e 2 и Stable Diffusion кои можат да создадат фотографии слични на животот со многу малку напор. Овие алатки „се обучуваат“ со гледање на големи количини реални слики, но празнините ги пополнуваат по сопствено толкување кога недостасуваат податоци за обука.
Ова може да доведе до тоа луѓето да имаат дополнителни екстремитети, а предметите да се менуваат со околината.

Кога ќе видите слики на интернет кои тврдат дека прикажуваат ударни вести, вреди да се има на ум следново:

• Вестите не се случуваат во вакуум – Во случај на голема експлозија или голем настан, очекувајте да видите прилив на извештаи од терен од различни луѓе и од различни агли.
• Кој ги поставува содржините – Погледнете ја историјата на објави на корисничкиот профил. Дали неговата локација и локацијата на настанот се совпаѓаат? Погледнете кого следат и кој ги следи. Можете ли да дојдете до нив и да разговарате со нив?
• Користењето алатки за обратно пребарување слики како што се Google Images и TinEye ви овозможуваат да прикачите слика и да одредите каде и кога првпат била користена. Постојат и неколку други алатки што можете да ги користите, како што е гледањето на материјалот од јавните сообраќајни камери во живо за да потврдите дека некој настан се случил.
• Анализирајте ги сликата и околината – Барајте знаменитости во близина, патокази, па проверете ги дури и временските услови кои ќе ви помогнат да утврдите каде или кога наводниот настан можел да се случи.
• Раце, очи и држење – Кога работите со слики од луѓе, обрнете посебно внимание на нивните очи, раце и општото држење на телото. Видеата генерирани со вештачка интелигенција кои имитираат луѓе, познати како дипфејк, обично имаат проблеми со трепкањето, бидејќи повеќето групи податоци за обука не содржат лица со затворени очи. Рацете кои не ги фаќаат предметите правилно или екстремитетите кои изгледаат неприродно искривени исто така можат да помогнат да се препознае лажен содржина.
Портпаролот на Министерството за одбрана Филип Вентура за Ројтерс изјави дека извештаите за експлозија се „лажни“, додека противпожарната служба на Арлингтон твитна: „Нема експлозија или инцидент во или во близина на резерватот Пентагон, и нема непосредна закана или опасност за јавноста. ”
Лажните Твитер профили кои се преправаат дека се со платени сини беџови, исто така, ја ретвитнаа сликата.

Измамата е една од неколкуте слики генерирани со вештачка интелигенција кои неодамна стигнаа на насловните страници.

Извор: Demostat

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот