Ученици и студенти на обиколка во Вила Водно кај Пендаровски
Средношколци и студенти од Универзитетот Американ колеџ, Скопје, во рамки на активноста Отворен кабинет, денеска го посетија Кабинетот на претседателот Стево Пендаровски во Вила Водно.
Препорачано
Посетителите, информираат од Кабинетот на претседателот, се интересираа и разговараа со претседателот Пендаровски, за неговата работа, надлежности, ги посетија просториите во кои се одвиваат официјалните средби, салата за свечености, настани и прес-конференции. Учениците и студентите се сретнаа и со дел од вработените во Кабинетот и беа запознаени со историјатот на Вила Водно, со дел од активностите што се одвиваат, како и со начинот на функционирање на оваа институција.
Денешната посета на учениците и студентите е дел од проектот „Лице в лице со Претседателот”, со кој се реализираат директни средби на граѓаните со претседателот Стево Пендаровски.
Сите заинтересирани граѓани, институции и организации, со претходно пријавување на официјалната интернет страница на Претседателот имаат можност да остварат директна комуникација со претседателот Пендаровски, да споделат свои идеи, предлози и сугестии, како и да присуствуваат на настани од јавен карактер, коишто ќе бидат реализирани во Кабинетот.


