Учениците ќе може да изберат сеопфатно сексуално образование во секое основно училиште до 2026 година
Меѓу земјите со целосно развиени национални програми за сеопфатно сексуално образование се Белгија, Естонија и Германија. Таму училиштето за младите луѓе претставува главен извор на информации за сексуалноста. Во земјите каде што сексуалното образование не се предава или не се обезбедува доследно за сите ученици, младите луѓе претежно се потпираат на информации добиени од пријатели или врсници, или од интернетот. Во оваа последна категорија на земји стапките на малолетничка бременост претежно се повисоки одошто во земјите со целосно развиени програми за сеопфатно сексуално образование.
Најдоцна до 2026 година, сеопфатното сексуално образование ќе стане дел од дванаесетте изборни предмети, кои учениците во деветто одделение ќе можат да ги изучуваат ако така одлучат, со согласност од нивниот родител.
Таков е планот на Бирото за развој на образованието. Есенва почнува да се спроведува пилот проектот за сеопфатно сексуално образование во четири основни училишта, со обучени наставници, а на часовите ќе присуствуваат ученици чии родители дале согласност за оваа воншколска активност.
Оценките ќе бидат описни, а содржините ќе ги избираат самите наставници, откако претходно биле обучени на три засебни обуки. Изработени се и сите потребни материјали за наставата, а наставникот ќе има опција да предава на сите или на само некои од темите опфатени со сеопфатното сексуално образование: род, сексуално и репродуктивно здравје, сексуалност, граѓански аспекти, врски и односи, насилство, тело и слика за телото.
Но, за неколку години целта е да се постигне опфатеност на сите основни училишта во земјава, што сепак нема да значи дека сите ученици во деветто одделение ќе следат сексуално образование, туку дека во сите училишта ќе има таква можност – учениците да одберат да се едуцираат на овие теми.
Претседателот на земјава, Стево Пендаровски на Форумот за генерациска еднаквост кој се одржа во јули годинава во Париз, рече дека Македонија се обврзува до 2026 година да го зголеми опфатот на сеопфатното сексуално образование согласно меѓународните стандарди на Обединетите Нации.
-Пилотирањето ќе се реализира во 4 основни училишта во републиката и тоа само со ученици од деветто одделение. Ова ќе биде вон-наставна активност, но притоа се пилотира начинот на имплементација на слободен изборен предмет во деветто одделение, како што и предвидува новата концепција. Процесот на пилотирање на сеопфатното сексуално образование ќе биде подолгорочен. За да го следиме темпото или динамиката на имплементација во основното образование согласно новата концепција, ние имаме време до 2025 или 2026 година да продолжиме со ширење на пилот училиштата и до 2025 година да имаме стопроцентен опфат на училишта кои би го реализирале сеопфатното сексуално образование како изборен предмет, вели за ,,Слободен печат” Ајше Ајрулаи, раководител на сектор во Бирото за развој на образованието.
-Што значи стопроцентен опфат? Тоа значи да се помине целиот процес кој го поминуваме со овие четири пилот училишта, како обука на наставници кои би го реализирале предметот на пример. Тоа би одело сукцесивно, со проширување на мрежата секоја година, со одреден процент на училишта. Доколку во учебната 2021/2022 година одиме со само четири училишта, наредната учебна година 2022/2023 би оделе со десет проценти од училиштата, значи околу 30 до 40 училишта. Но тоа не значи дека во сите тие училишта каде ја шириме мрежата и обучуваме наставници, дека во сите тие училишта ќе биде реализирано сеопфатно сексуално образование. Затоа што предметот ќе се реализира како слободен изборен предмет. Вкупно во една учебна година учениците ќе може да изберат два од вкупно 12 изборни предмети. Значи дека ССО може да биде избрано од учениците, но може и да не биде. До моментот на имплементација на концепцијата во деветто одделение, го третираме ССО како вон-наставна активност и како проект, вели за ,,Слободен печат” Ајрулаи.
Македонија каска зад регионот во поглед на сеопфатното сексуално образование. Во различни европски земји, овој предмет се реализира на различни начини – некаде како посебен образовен предмет, а на други места како интегрирани содржини во рамките на другите училишни предмети како физичко воспитание, граѓанско образование и биологија.
-Најсвежи се информациите што ги добив за искуствата од Албанија и Косово каде сеопфатното сексуално образование е воведено во основните и средните училишта од прво до дванаесетто одделение, а во Косово од четврто до дванаесетто одделение. Таму содржините се воведени на начин што се инкорпорирани во предметите биологија, физичко, и зравствено образование и во рамките на граѓанското образование. Целта на имплементација на ССО е да ги заштитиме нашите ученици од секаков вид насилство и секако најмногу – да се грижиме за здравјето на нашите ученици. Во програмата се понудени седум содржински теми, кои се фокусирани на здравјето. Образованието не е наменето само за когнитивен развој на учениците, туку треба да се грижиме за нивниот целокупен развој, вклучително и афективниот и физичкиот развој. Со сеопфатното сексуално образование постигнуваме една од целите, а тоа е да овозможиме целосен развој на учениците и пред се да ги заштитиме од секаков вид злоупотреба, да бидат поинформирани за нивното здравје и тело, додава Ајрулаи.
Засега имплементацијата на проектот за сеопфатно сексуално образование, нема никакви финансиски импликации на буџетот на Бирото за развој на образованието или на Министерството за образование и наука, затоа што овој период проектот се реализира со финансиска поддршка на ХЕРА и УНФПА. Финансиите се користат за спроведување на почетно истражување пред имплементација на проектот во пилот училиштата, за евалуација на имплементацијата и за обука на наставниците. Досега наставниците од четирите основни училишта имаат следено три циклуса на обуки. Исто така изработена е нацрт наставна програма која ќе се имплементира во овие четири пилот училишта и потоа како резултат на евалуацијата ќе претрпи одредени измени. Парите се користат и за други ресурси потребни за реализација на ССО, како на пример, прирачникот за наставникот.
– Тој прирачник ќе го користат само обучените наставници од четирите пилот училишта затоа што и овој прирачник по евалуацијата може да претрпи одредени измени за да се понуди во финална верзија за користење од страна на наставниците кога предметот ќе биде слободен изборен предмет во основните училишта, ни објасни раководителката во БРО.
Ана Попризова, училишен психолог во гимназијата Орце Николов со стаж од 25 години, вели дека семејството, семејните вредности и семејните односи во земјава многу често служат за разлини манипулации од идеолошка и политичка природа. Според неа, сеопфатното сексуално образование е и повеќе од потребно во училишните клупи.
-Реалноста, според она што го имаме како податок, е дека 7 илјади членови на семејства немаат морални дилеми да членуваат на платформата Јавна соба и да споделуваат, лајкуваат и коментираат со јазик на насилство малолетни девојки кои се исто така нечии ќерки, сопруги, односно потекнуваат од нечии семејства. Ова ни дава за основа да претпоставиме дека темите за партнерски релации, сексуално здравје и болест, насилство во релација и слично, во сите семејства во нашата држава не се обработени на соодветен начин. Доказ во прилог е и проблемот со семејното насилство, насилство во врска и слично, кој е секојдневно присутен во медиумите, објаснува Попризова.
Според неа родителите се партнери на наставниците во процесот на образованието на нивните деца, особено за разработка на овие теми, иако се прави обид да се постави образовниот систем и кадар како опонент на родителите.
-Педагошката наука се темели на триаголникот родител, ученик и училиште и само доколку има единство во пристапот може да има позитивен ефект за добросостојбата на ученикот. Реалноста од канцеларијата на еден училиштен психолог е дека учениците се обраќаат до нас заради разводи во семејството, заради нарушени партнерски релации, при незаштитен сексуален однос, заради прашања и дилеми во врска со својата сексуалност, несакана бременост, сексуално преносливи болести, анорексија, булимија, самоповредување, депресија, суицидални мисли и слично. Ова дава основа да тврдиме дека има категорија на деца и млади кои не се чувствуваат сигурно и комотно овие теми да ги дискутираат со своите родители, бидејќи во некои семејства овие теми се уште табу-тема. Затоа сметам дека во нашата држава уште постојат семејства за кои партнерските релации, сексуалното и репродуктивното здравје, сликата за себе и сопственото тело, насилство во релација, човекови права и постапување при нивното нарушување се забранети теми. Сеопфатното сексуално образование, би бил пристап кој во рамките на образовниот систем прилагодено на возраста и развојните карактеристики на учениците, би ја пополнил оваа празнина каде што е потребно а би ги продлабочил позитивните практики и предзнаења со кои доаѓаат дел од учениците во чии семејства овие теми се дискутираат и отвораат. Секако сметам дека е добро што ќе има пилот фаза, за да можат да се согледаат ефектите од оваа програма во пракса, па потоа да се изведат заклучоци и препораки за идни чекори, смета Попризова.
Запрашана зошто на младите им е потребно сеопфатно сексуално образование, таа вели дека општествениот контекст во кој живееме, повеќе од било кога го актуелизира прашањето за воведување на сеопфатното сексуално образование. Според неа, програмата и нејзините ефекти во средното образование од почетоците пред 15 години до денеска се и повеќе од корисни. Таа со различен интензитет се спроведуваше во средните училишта во форма на неформално образование, со врснички едукатори.
-Задоволството на учениците кои доброволно ја посетуваат оваа програма низ годините е големо. Никогаш не сум имала некоја поплака или критика околу содржините од страна на учениците. Нивните изјави и споделувања се дека таа опфаќа корисни информации за периодот низ кој минуваат и дека дава одговори на многу прашања кои учениците немаат кому да му ги постават. Деновиве кога се разгоруваат дискусиите околу воведувањето на оваа програма како пилот програма за изборен предмет во деветто одделение, сметам дека е моја професионална должност да го изнесам својот став и искуства во интерес на информирање на родителите и јавноста за да можат да донесат свои ставови и мислења, како на пример, кои се предностите на оваа програма, ни изјави Попризова.
Програмата се состои од седум компоненти, кои покриваат значајни области од развојот на единката а не се опфатени во ниту еден наставен предмет со содржините кои се обработени. Методолошки се користи работилничкиот пристап, кој е во склад со современите педагошки пристапи. Може да се каже дека оваа програма претставува зајакнување на животните вештини на единката во домен на сопствената телесност, како аспект на идентитетот на личноста и најзначајните социјални интеракции кои се типични за овој период. Пристапот и методот на разработка на темите е во насока на разјаснување на можните дилеми и најчестите прашања кои се поставуваат и во насока на нудењето конкретни вештини за справување во секојдневното живеење. Во првата компонента се обработуваат поимите род и родови улоги, со цел подобро препознавање на родовите улоги и нивното значење за секојдневното функционирање на единката.
Втората компонента се однесува на врските и односите со цел да се објаснат врските со другите, нивното значење за единката, потребата од заемна доверба разбирање и отворена комуникација. Тука се разработува и значајното прашање на социјален притисок за влегување во релација, стапување во сексуален однос, давање согласност за релација и слично.
-Многу е значајно да се зајакнат капацитетите на единката за преземање одговорност за изборите и одлуките за сопствените релации, согласност и доверба да се биде во врска, право да се почитува изборот и одлуката на секој партнер во релацијата и слично. Младите на прагот на пубертет, кога ги остваруваат своите први партнерски и сексуални релации често се прашуваат што понатаму, која нова улога од нив се очекува, кое е пожелно однесување, кои чувства им се јавуваат. Растргнати помеѓу нивните телесни промени, новите и збунувачки емоции и нереалниот наметнат пристап кој го добиваат од интернет, притисокот од строго наметнатата улога што ја добиваат од најраното детство и работите за кои е ,,срамота” да се зборува. Токму заради ова многу е значајно да се разработат овие прашања со педагошки пристап. Во едно истражување кое го спроведовме пред две години на иницијатива на учениците во моето училиште, добивме податок дека над 40 проценти од учениците од гимназија која е во градско подрачје, не препознаваат што е контролирачка врска и дека сметаат дека контролата на момчето врз девојката е израз на привлечност и љубов. Ова укажува дека многу малку се препознава оваа појава кај младите но и дека во голема мерка тоа е научениот, преземен модел од нивните семејства, вели Попризова.
Третата компонента е посветена на телото и сликата за сопственото тело. Оваа тема е исклучително важна токму во периодот на пубертетот и се става акцент на прифаќање на сопственото тело, препознавање и намалување на социјалниот притисок кој го наметнува стандардот за тоа како треба да изгледа телото.
-Во нашата училишна пракса, многу се чести појавата на анорексија и булимија кај девојчињата, односно нарушувања во исхраната, кои често учениците ги прикриваат од родителите или тие не успаваат да ги препознаат кај децата. Ова ќе им помогне на децата да ја препознаат оваа појавата, да ги воочат корените и да бидат информирани што можат да направат за да помогнат на свој врсник кој има проблем од оваа природа. Следуваат компонентите за сексуално и репродуктивно здравје и сексуалност кои нудат информации за постоење на сексуални преносливи инфекции и начини на заштита. Во овој дел се опфатени информации за заштита од несакана бременост и од полово преносливи болести. За секој современ адолесцент тоа треба да биде прашање на општа култура, истакнува Попризова.
Последните две компоненти се однесуваат на живеењето на единката во поширок општествен контекст, па ги опфаќа компонентите на насилство и граѓанските аспекти. Психолозите коментираат дека последните случувања со сексуалното предаторство и постоење на „Јавна соба“ повеќе од корисно е да се обработат темите како препознавање на сексуално вознемирување и насилство и негово пријавување, како и улогите во кругот на насилство (насилник, жртва и сведоци).
Граѓанските аспекти се однесуваат на човековите права, нивното прекршување и начини на пријавување.
-Верувам дека добрата информираност и спремност да се зборува отворено на овие теми е вистинскиот начин на кој треба да се поддржат младите успешно да се справуваат со сите предизвици кои ги носи периодот на пубертет и младост. Тоа е можно во образовниот систем токму преку една ваква програма, заклучува психологот.
Проценката спроведена кон крајот на 2016 и почетокот на 2017 година на 25 држави во Европскиот регион на Светската здравствена организација, вклучително и 5 држави од Централна Азија покажа дека во некои земји како на пример, Казахстан и Србија, сексуалното образование е успешно пилотирано во некои училишта или региони, со поддршка од властите, меѓународни донатори и локални невладини организации. Во други земји пак, како на пример Естонија и Шведска, училишните одделенија редовни ги посетуваат младинските центри и таму слушаат предавања. Во неколку земји како на пример Албанија, и во кантонот Сараево во Босна и Херцеговина, обучени се голем број на наставници, преку пилот-програми. Во некои земји повеќето наставници сè уште не учествувале на наменска обука за предавање на сексуалното образование.
Земји со целосно развиени национални програми за сеопфатно сексуално образование се Белгија, Естонија и Германија. Таму училиштето за младите луѓе претставува главен извор на информации за сексуалноста.
Во земјите каде што сексуалното образование не се предава или не се обезбедува доследно за сите ученици, младите луѓе претежно се потпираат на информации добиени од пријатели или врсници, или од интернетот. Во оваа последна категорија на земји стапките на малолетничка бременост претежно се повисоки одошто во земјите со целосно развиени програми за сеопфатно сексуално образование.