Печатење учебници/Фото: МОН

Учебникарството се враќа кај издавачите, МОН повеќе нема да печати и издава учебници

Со враќањето на учебниците кај издавачите, се зголемува и конкурентноста, што подразбира и зголемување на квалитетот т.е. учебници без грешки, но и намалување на цената

Со новиот Закон за учебници, Министерството за образование и наука повеќе нема да ги печати и издава учебниците, тоа ќе биде обврска на издавачите. Ова значи дека на распишан конкурс, издавачите ќе конкурираат со свој ракопис, кој доколку ги помине потребните филтри од Бирото за развој на образование, Центарот за стручно образование и обука како и рецензија ќе добие одобрение за употреба од Националната комисија, односно ќе прерасне во учебник.

Како што изјавија од Министерството за образование и наука за „Слободен печат“, набавката на учебници од почетна фаза на ракопис до стручна и графичка редактура, печатење и дистрибуција на одобрениот учебник преминува кај издавачите.

– Со враќањето на учебниците кај издавачите, се зголемува и конкурентноста што подразбира и зголемување на квалитетот, т.е. учебници без грешки, но и намалување на цената – велат од МОН.

Учениците во основните училишта веќе подолго време се без учебници за странски јазици. Според министерката Весна Јаневска, вината е во претходното раководство на МОН, кое поради неквалитет, ја поништило постапката за јавна набавка. Јаневска вели дека за оваа учебна година учебниците не можеле да се набават бидејќи сè уште траат жалбени постапки, но најави дека штом тие завршат, ќе се објави нов оглас за набавка на учебниците.

Како што велат од Министерството, за овие учебници е планирана соодветна постапка, а ќе бидат обезбедени преку јавен повик на кој право да конкурираат ќе имаат странски издавачи.

– При обезбедување на учебници по странски јазици исто така се предвидуваат неколку филтри, кои треба да го гарантираат квалитетот, односно нашите ученици да ги добијат најдобрите можни учебници – велат од МОН за „Слободен печат“.

Оваа измена на Законот за учебници, според нив, ја поедноставува постапката, а во исто време го прави процесот потранспарентен.

– Ова, дефинитивно ќе значи унапредување во однос на старото законско решение кое често беше оценето како застарено и конфузно, а постапките беа бавни, што беше една од главните причини за недостаток на учебници – додаваат од Министерството.

Оваа учебна година, како што изјави Јаневска, МОН успеа првпат, после седум години, навремено да ги испорача сите учебници во сите основни училишта во земјава.

Проблемот со недостаток на учебници трае со години, а Министерството за образование и наука минатата година дури и доби тужба од страна на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, бидејќи не успеало да обезбеди учебници.

Комисијата тогаш констатираше дека од вкупно 126 учебници потребни за сите задолжителни изборни предмети во деветгодишното основно образование, на почетокот на училишната година МОН не обезбедило 43 учебници, односно недостигале 34 проценти од учебниците.

Законот за учебници во основното и средно образование беше изготвен пред околу два месеца, а неодамна беше изгласан во Собранието. Донесувањето на новиот закон го замени претходниот од 2008 година.

МОН, тогаш, ги повика сите заинтересирани граѓани да дадат сугестија и да учествуваат во креирање на овој закон.

Оттаму посочија дека новиот закон треба да обезбеди изработка на учебници со поквалитетна содржина, намалување на веројатноста за појава на грешки какви што имаше досега и да ја поедностави постапката за набавка, со цел учебниците да бидат навремено испорачани во училиштата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот