Тутунарите задоволни од просечната откупна цена на тутунот, се очекува откуп на околу 25.850 тони

фото: МИА

Откупот на тутунот започна официјално од вчера и според првичните информации тутунопроизводителите се задоволни од постигнатата цена, јавува порталот Агротим.мк. На откупниот пункт во Тутунскиот комбинат во Прилеп вчера беа лично премиерот Димитар Ковачевски и министерот за земјоделство Љупчо Николовски кои објавија дека цената на тутунот годинава е зголемена за 30 % и изнесува 261 денар за килограм тутун.

Тутунарот Стеван Вељаноски од Прилеп вели дека е задоволен од просечната цена по која се откупува тутунот.

„Прилично сум задоволен од просечната откупна цена на тутунот, задоволен сум и од квалитетот на мојот тутун, па очекувам да постигнам добра цена“, изјави тој.

Инаку откупот на тутунот годинава се врши по цена од 261 денар за килограм тутун. Согласно податоците од Државниот инспекторат за земјоделство цената е зголемена за 30 %.

Пораст има и во делот на склучени договори за откуп и планирани количини за откуп на тутун. За реколта 2022 година склучени се 29.653 договори што е за 7% повеќе од минатата година кога биле склучени 27.712 договори.

Премиерот Димитар Ковачевски и министерот за земјоделство Љупчо Николовски, вчера изјавија дека годинава имаме тутун со подобар квалитет во однос на минатата година.

 

Видео на денот