Турција: Седат Пекер станува закана за Ердоган

Познатиот турски мафијаш кој се наоѓа во бегство, ги обвинува властите за криминал и за тоа дека му помогнале да избега од земјата. Oбвинувањата на Пекер дополнително ја нарушуваат популарноста на претседателот Ердоган.

Мафијашот и „кум“ Седат Пекер (познат и во македонската јавност од пасошката афера, н.з.) со видео пораки ги придоби луѓето на интернет. На платформата Јутуб објави пет снимки – секоја стана вирална и тие практично ги диктираа насловните страници на весниците наредниот ден. Пекер упатува силни обвинувања кон политичарите од владеачката партија, тој вели дека се вмешани во убиства, силувања, шверц со дрога, злоупотреба на моќ и други криминални дејствија. Во исто време, како што вели Пекер, турската влада со години го штитела од кривично гонење, дури од владата добил и полициска заштита.

Седат Пекер ѝ се закани на Турција, спомнува познанство со македонскиот премиер и лидерите на сите политички партии

Во неговите пораки тој особено цели кон министерот за внатрешни работи, Сулејман Сојлу. Министерот наводно го предупредил кога против него била покрената истрага, потоа тој побегнал од Турција за да избегне затвор, тврди Пекер во едно од видеата. Сега министерот е на тенок мраз.

Бидејќи властите не ги истражија наводите на Седат Пекер, повиците од страна на опозицијата министерот Сојлу да поднесе оставка се сѐ посилни. Бидејќи досега не е започната истрага, сѐ уште не е јасно што е вистина, а што не.

Пекер, кој избега во странство во јануари минатата година, одамна ѝ е познат на турската јавност. Тој се смета за ветеран на турското подземје, неколкупати одговарал пред суд, а осуден е и за „основање злосторнички организации“.

Молкот на Ердоган се одмаздува

Снимките на Јутјуб претставуваат дополнително нарушување на имиџот на Реџеп Таип Ердоган. Турскиот претседател долго молчеше. Дури откако со недели во јавноста се зборуваше за снимките на Пекер, Ердоган беше присилен да заземе став. „Нѐ исполнува со тага кога гледаме дека во нашата земја постојат јадни и недостојни луѓе, кои се потпираат на помош од мафијашки банди. Исто како и терористичките организации, и криминалните банди се отровни змии“, рече Ердоган по седницата на владата во минатата недела.

Политикологот Ибрахим Услу од Центарот за социјални студии во Анкара, смета дека изјавата на Ердоган дошла предоцна. „Ако еден човек, кој побегнал од земјата, ја обвинува и навредува владата, владеачката партија АКП мора веднаш да делува и да свика Анкетна комисија во парламентот“, вели Услу. Политикологот смета оти ова е фијаско за партијата на Ердоган и дека кај луѓето останало малку доверба во правосудството и во правната држава.

ВМРО-ДПМНЕ: Фактот што Седат Пекер добил обезбедување од Спасовски нема да избледне

Истражувачите на јавно мислење нагласуваат оти тврдењата на Пекер веќе негативно влијаат на популарноста на владеачката партија. Според истражувањето на турскиот институт Метропол, поддршката за партијата АКП изнесува 27 отсто, а тоа е пад од неверојатни 33 насто во однос на изборите во јуни 2018 година.

Една друга анкета покажува дека претседателот Ердоган и лично загубил на популарност. Само 40 отсто од граѓаните го оценуваат позитивно, и тоа го става дури на четврто место зад градоначалниците на Анкара и на Истанбул од редовите на опозицијата, Мансур Јаваш и Екрем Имамоглу, како и зад опозициската политичарка Мерал Акшенер од национал-конзервативната партија ИЈИ.

Падот на популарноста првенствено е последица на економската криза и лошите пандемски услови, објаснува Ибрахим Услу. „Полемиката на Пекер можеби нема да има непосредно влијание врз резултатите од анкетите. Но, долгорочно ќе се сруши довербата во владата“, смета тој. Политикологот Барис Достер од Универзитетот Мармара претпоставува оти објавите на Јутуб непосредно ќе влијаат на власта и моќта на Ердоган. „Ќе дојде до колапс на популарноста на АКП“, вели тој. Бидејќи, опозицијата ќе ги користи тешките обвинувања кои ги изнесе мафијашкиот шеф. „Би било вистинско чудо, ако власта се опорави“, вели Достер.

Мафијата и политиката: добро координиран тим

Фикри Саглар, пратеник од турската Републиканска народна партија, најсилната опозициска партија во земјата, вели дека обвинувањата на Пекер не се изолиран пример. „Властите никогаш не се дистанцираа од мафијата“, вели тој. „Видео-пораките на Пекер прејасно покажуваат дека властите се блиски до мафијата“.

За многу Турци, откритијата на мафијашкиот кум Пекер ги враќаат на сеќавањата мрачното поглавје во турската историја: во 90-тите години на минатиот век се сметаше дека има силни врски меѓу високи државни функционери и подземјето. Политичките атентати или случаите во луѓе едноставно исчезнуваа преку ноќ беа поврзувани со криминалните организации. Но, ретко имаше конкретни докази за тоа.

Власта сѐ поблиска до подземјето?

Мафијашите, честопати дел од десничарското екстремистичко милје, сѐ повеќе се појавуваат во кругот на високите владини претставници. Во април 2020 година, десничарот и шеф на екстремистичката мафија, Алатин Чакиџи, беше предвреме пуштен на слобода, како резултат на законот за амнестија.

Поради пандемијата, околу 90.000 затвореници предвреме беа пуштени од затвор – вклучувајќи бројни насилници и криминалци како Чакиџи. Но, новинарите, опозициските активисти и затворениците со здравствени проблеми не беа ослободени предвремено.

По ослободувањето, Чакиџи имаше контроверзна средба со политичарот Девлет Бахчели, помалиот партнер во владата на Ердоган и претседател на ултра-националистичката партија МХП – обајцата се сметаат за поддржувачи на десничарското екстремистичко движење „Сиви волци“.

Преземено од Дојче Веле

[sc name=”dw” ]

Седат Пекер од Африка: Немам македонски пасош со лажен идентитет

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот