unsplash

Трупови од животни и пелени, причина за затнување на канализацијата во Скопје

Од ЈП „Водовод и канализација“ велат дека оваа појава е почеста во приградските населби, но за жал ова не е исклучок и во некои од населбите во централното градско подрачје

Градежен шут, мебел, ќебиња, јамболии, трупови од животни, пелени, влажни марамчиња, остатоци од храна. Ова е само дел од отпадот кој наместо во кантите за отпад или на депонија, несовесните граѓани го фрлаат во канализација.

Од ЈП „Водовод и канализација“ велат дека и покрај многубројните апели и објаснувања како тоа може да делува на самиот канализациски систем, околината, па и на здравјето на луѓето, сепак некои граѓани и понатаму се решаваат на едно такво место да го одложат отпадот од нивниот дом или од нивното работно место.

– Затнувањето на канализацијата за жал е честа појава и покрај сите апели и објаснувања како тоа може да делува на самиот канализациски систем, околината, па и на здравјето на луѓето. При одзатнување на канализациите, екипите на ЈП „Водовод и канализација“ се соочуваат со причинители од секаков вид – градежен шут, мебел, ќебиња, јамболии, лешеви од животни, пелени, влажни марамчиња, остатоци од храна и слично, велат од претпријатието, притоа додавајќи дека ваквата појава е многу почеста во приградските населби, но, за жал, како што велат од таму, ова не е исклучок и во некои од населбите во централното градско подрачје.

Токму ваквото несовесно однесување од граѓаните е причина за сериозни оштетувања на канализациската мрежа и намалување на нејзината функционалност.

– Штетите што може да се предизвикаат од ваквото несовесно однесување прво се однесуваат на оштетување на канализацискиот систем и неговата функционалност, што предизвикало и може да предизвика враќање на отпадната вода и материите назад во системот до домовите и околината што воопшто не е пријатно и секако може да предизвика и здравствени проблеми и загадување на околината, додаваат од ова јавно претпријатие.

Оттаму велат дека за да се реши овој проблем, потребно е граѓаните да бидат свесни за опасноста од нивни постапки, но и за штетата што се прави од ваквото несовесно однесување.

– Што се однесува до овој проблем, на прво место се става свеста на граѓаните, но и на компаниите изведувачи. Луѓето треба да реагираат соодветно и да се потсетат дека цевките за одведување отпадни води не се депонија во која може да се одложува отпад, па таму тој да се селектира, разградува, па и да се рециклира. Во последните години постојано има кампањи од многу чинители во општеството за правилно одлагање на отпадот и кои се последиците од несоодветно однесување во однос на ова прашање. Последната кампања на ЈП „Водовод и канализација“ по однос на ова прашање „Биди одговорен, однесувај се совесно“ беше во текот на август 2020, а постојано се праќаат повици за совесно однесување и заштита и на водоснабдителниот и канализацискиот систем, што е особено важно за функционалност на пречистителните станици, онаа во Волково која работи и новата за Град Скопје, чиј проект е во фаза на имплементација, велат од јавното претпријатие.

Дополнителен проблем се јавува и поради тоа што сторителите честопати им се непознати, па надлежните институции без да го знаат сторителот, не можат да изречат соодветна казна.

– За да казните некого за извршениот прекршок, треба да го видите како го прави тој прекршок. Улогата за казнување на ваквите сторители е во надлежност на комуналните инспектори и доколку екипите на ЈП „Водовод и канализација“ видат извршување на ваков прекршок, сторителите се пријавуваат во полиција и кај комуналните инспектори и оттаму се преземаат соодветни мерки, објаснуваат од ЈП „Комунална хигиена“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот