Тригодишно момче сруши светски рекорд: Стана најмладиот шахист со официјален рејтинг
Светот доби нов мал гениј, Сарвагја Синг Кушвах од Индија, кој стана најмладиот шахист во историјата кој го освоил официјалниот рејтинг на Меѓународната шаховска федерација (ФИДЕ). Во времето на добивањето на рејтингот, тој имал само три години, седум месеци и 20 дена, со што го надминал претходниот рекорд што го држел друг Индиец, Аниш Саркар, пренесува „Пипл“.
Препорачано
„Со само 3 години, 7 месеци и 20 дена, Саравгја Синг Кушвах е најмладиот играч на рејтинг-листата за декември 2025 година, каде дебитира со брз рејтинг од 1572“, напишаа тие, објавувајќи фотографија на која детето има медал во устата, уште еден на вратот, стоејќи зад три трофеи.
За да добие официјален рејтинг на ФИДЕ, играчот мора да победи барем еден противник кој веќе има рејтинг на листата на ФИДЕ. Тригодишникот отиде чекор понатаму, победувајќи три рејтинг играчи на турнири низ неговата држава и други делови од Индија. Тоа е резултат што многу возрасни играчи се обидуваат да го постигнат со месеци, па дури и со години.
Кушвах потекнува од сојузната држава Мадја Прадеш, а почнал да игра уште на околу две години, изјавил неговиот татко Сидарт Синг за „Индијан Експрес“.
Момчето игра шах по четири до пет часа дневно, од кои еден час поминува во шаховски центар во градот Сагар, а остатокот од времето вежба преку интернет.
„Минатата година го насочивме кон шахот бидејќи забележавме дека многу брзо учи и запомнува. За само една недела учење, веќе ги знаеше сите фигури,“ раскажал таткото. „Многу ја сака играта. Ако го разбудите сред ноќ и му понудите да игра, ќе игра со часови без пауза. Она што го издвојува од неговите врсници е трпението да седи пред таблата без да се вознемири.“
Во 2025 година Кушвах победил против возрасните играчи Јогеш Намдев (20), Абхиџит Авашти (22) и Шубхам Чорасија (29). Намдев има оценка 1696, Авашти 1542, а Чорасија 1559.
Претходниот најмлад играч со рејтинг бил Аниш Саркар, исто така од Индија, кој минатата година имал оценка 1550 на возраст од 3 години, 8 месеци и 19 дена.


