Во конкуренција беа 1.430 пријавени дела од автори што пишуваат на некој од европските јазици

Три македонски драми влегоа во престижниот избор на Европската мрежа за драма и превод „Еуродрам“

Европската мрежа за современа драма и превод „Еуродрам“ на 21 март го соопшти изборот на најдобри нови драмски дела на европско ниво за 2026 година.

Меѓу нив се и три драми на македонски јазик: „Џинови и џуџиња“ од Владимир Јанковски, „Кој сум јас“ од Митко Чешларов и „104“ од Драгана Лукан Николоски.

Во конкуренција на 1.430 пријавени дела од автори што пишуваат на некој од европските јазици се најдоа и 8 текстови напишани на македонски јазик. Изборот го направија членови од 30 посебни јазични комитети на „Еуродрам“.

Во Македонскиот комитет на „Еуродрам“, кој го направи изборот на македонските драми, се: Иван Додовски, писател и редовен професор на Универзитетот „Американ колеџ“ Скопје (претседавач); Фроса Пејоска-Бушро, преведувачка и редовна професорка на Институтот за ориентални јазици и цивилизации од Париз; Александар Зицман, преведувач и универзитетски предавач на Катедрата за славистика на Универзитетот во Виена; Катeрина Коцевска, актерка и драмска писателка од Скопје, и Дарко Јан Спасов, преведувач, драматург и директор на Театар „Комедија“ од Скопје.

Првонаградениот текст „Џинови и џуџиња“ од Владимир Јанковски е драма на егзистенцијални дијалози на ликови од различни географски и геополитички контексти, кои се откриваат низ точки на допири и разликувања. Ова е текст за односот меѓу микрокосмосот и макрокосмосот, за џиновите и џуџињата што ги носиме во себе и се бориме со и за нив.

Владимир Јанковски (1977) е писател и книжевен преведувач. Студирал општа и компаративна книжевност и работел како уредник во неколку издавачки куќи. Има објавено девет книги, меѓу кои и четири романи. За романот „Скриени желби, немирни патувања“ ја добил наградата „Роман на годината“, за романот „Невидливи љубови“ ја добил наградата „Рациново признание“ за најдобра прозна книга, а за романот „Ехото на акробатите“ ја освоил наградата „Пегаз“ за најдобар необјавен роман.

Второнаградената драма „Кој сум јас“ од Митко Чешларов на комичен начин ја истражува тенката граница меѓу приватната и јавната сфера. Луѓето се препознаваат во стиховите на еден несигурен поет, нивните реакции ги разнишуваат меѓусебните односи и отвораат прашања за идентитетот и за значењето на споделената уметност.

Митко Чешларов е магистер по филозофија и род и дипломиран класичар. Автор е и коавтор на образовни и истражувачки трудови, како и на учебници по латински јазик за средно образование. Активен е и како автор и композитор на музички дела со кои учествувал на неколку фестивали. Ја објавил книгата „Три лица на љубовта“ (2025) во која е вклучена и драмата „Кој сум јас“.

Третонаградениот текст „104“ од Драгана Лукан Николоски е драма што започнува како неразбрана шега за 104 љубовници на една млада жена што се соочува со контролирачки однос од сопругот. Делото ја истражува токсичната љубомора и трагичните последици што произлегуваат од недовербата.

Драгана Лукан Николоски (1984) студирала драматургија на ФДУ во Скопје, каде што завршила и магистерски студии по филмско и телевизиско сценарио. Работи како драматург во Театарот за деца и младинци во Скопје. Две нејзини пиеси тековно се играат: „Марта Верина“ (2024) во МНТ и „Анна“ (2025) во Театар „Комедија“ во Скопје. Во 2019 година ја добила наградата „Живко Чинго“ за краток расказ.

„Еуродрам“ е европска мрежа за современа драма и превод, која опфаќа повеќе од 300 членови – театролози, критичари, драмски автори, преведувачи, режисери – организирани во триесет јазични комитети. Главна цел на мрежата е да го поттикне преводот на современи драмски дела од Европа, Централна Азија и Медитеранот, правејќи ги достапни за театарските професионалци и за публиката, во духот на независноста, рамноправноста и јазичната разновидност.

Во парни години, секој јазичен комитет на „Еуродрам“ избира три оригинални драмски дела напишани на јазикот на тој комитет и ги препорачува за превод на други европски и блискоисточни јазици. Во непарни години, комитетите избираат три најдобри преводи на нивниот јазик со цел да се препорача нивното објавување и сценско изведување.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот