Три години од ужасот во Тетово: Во модуларната болница загинаа 14 луѓе
Денес се навршуваат три години од пожарот во модуларната болница во Тетово во кој животот го загубија 14 луѓе, а десетина лица беа повредени. Од 14-те луѓе кои починаа поради пожарот, 12 беа на болничко лекување таму како заболени од Ковид-19, додека двајца беа членови на семејствата на болните.
Основен суд Тетово веќе спроведе судски процес во текот на 2022 и 2023 година, а со решение на Апелациски суд годинава требаше да почне и повторено судење за дел од обвинетите.
По пожарот на 8 септември 2021 година, почна истрага, која резултираше со обвинителен предлог до Основен суд Тетово на 27 јули 2022. Првиот судско рочиште беше закажано за 6 септември 2022 година, но по неколку одложување процесот почна на 4 декември 2022 година.
По шест месеци, на 5 јуни 2023 година Основен суд Тетово одреди условна осуда за Флорин Бесими и Артан Етеми, директори на Клиничка болница Тетово за кривично дело „тешки дела против општата сигурност“, додека правното лице ЈЗУ Клиничка болница беше прогласено за виновно за делото „предизвикување општа опасност“ во судскиот процес по пожарот во модуларната болница во Тетово во 2021 година кога животите ги загубија 14 луѓе.
Судот тогаш одлучи да има ослободителна пресуда за докторот Бобан Вучевски и Клиничка болница за делото „непостапување по здравствени прописи“.
Основното јавно обвинителство Тетово на 10 јули 2023 година поднесе жалба на изречената првостепена пресуда.
По оваа жалба расправаше Апелацискиот суд во април 2024 година, а при тоа донесе решение со кое наложи да има повторно судење за поранешните директори на тетовската болница Флорин Бесими и Артан Етеми, како и Јавната здравствена установа Клиничка болница Тетово како правен субјект. За докторот Бобан Вучевски, Апелацискиот суд ја одби жалбата на Обвинителството и ја потврди првостепената ослободителна пресуда за него.
На 26 јуни 2024 година беше закажано првото рочиште за повторното судење за двајцата директори, но беше одложено за 25 септември 2024 година поради отсуство на претставници на Клиничка болница Тетово.
Во првичната пресуда од 5 јуни 2023 година на обвинетите Флорин Бесими и Артан Етеми им беше утврдена казна затвор од по една година и шест месеци, условна осуда и утврдената казна затвор нема да се изврши доколку обвинетите секој за себе во време од по три години не сторат ново кривично дело. Правно лице требаше да плати парична казна во висина од еден милион денари, 30 дена по правосилност на пресудата.
На 8 септември 2023 година на двегодишнината беше одржан јавен марш и протест пред судот во Тетово во организација на семејствата на 14 луѓе кои ги изгубија животите во пожарот во тетовската модуларна. Семејствата организираа јавен марш и протест и на 15 септември 2023 година и во Скопје. Протестниот марш почна на плоштадот Скендербег и заврши пред зградата на Јавното обвинителство.