Трговијата со деца особено за принудно питачење е повеќеслоен проблем кој бара сериозни решенија

Фото: илустрација / EPA/GEORGI LICOVSKI

Давањето пари на децата на улица претставува поддржување на нивната експлоатација. За да се спречи овој проблем, потребни се кампањи за подигање на јавната свест и поголема соработка помеѓу институциите и организациите со цел превенирање и сузбивање на трговија и експлоатација на деца.

Ова е заклучокот од денешната панел – дискусијата организирана од „Отворена порта – Ла страда“ во рамки на проектот „Заштити ги децата на улица“, која е дел од програмата „Зајакнување на владеењето на правото и човековите права во Северна Македонија III“, поддржан од Мисијата на ОБСЕ во Скопје.

„Отворена порта-Ла Страда“ соопшти дека проектот имал за цел да ја подигне јавната свест и разбирање за трговијата со луѓе, фокусирајќи се на трудовата експлоатација и принудното питачење, меѓу пошироката јавност, вклучително и децата од маргинилизираните заедници. Една од целите на овој проект е зајакнување на институциите за навремен да ги идентификуваат, упатат и поддржат жртвите на трговија со луѓе и децата на улица.

На панел дискусијата учествувале претставниците на институциите, на Министерството за труд и социјална политика, Министерството за внатрешни работи, Националниот механизам за упатување на жртви, мобилните тимови за идентификација на жртви, невладини и меѓународните организации и други.

Учесниците во дискусијата сметаат дека се потребни кампањи за подигање на јавната свест за овој проблем, како и дека трговијата со деца особено за принудно питачење на деца, е повеќеслоен проблем и бара соработка помеѓу институциите и организациите со цел превенирање и сузбивање на трговија и експлоатација на деца. Се нагласи сериозната потреба од зголемување на бројот на згрижувачки семејства за заштита на деца под ризик и реинтеграција на деца жртви на трговија со луѓе, потенцираат од „Отворена порта-Ла Страда“.

Тие заклучиле дека се потребни и обуки за правосудните органи за да ги препознаат односно разграничат кривичните дела запуштање и малтретирање на малолетно лице (член 201, став 1 и 2) и трговија со дете (член 418-г од Кривичниот законик).

Нагласуваат дека клучна е и потребата од зајакнување на соработката меѓу органите за спроведување на законот, општите даватели на социјални услуги и службите за борба против трговијата со луѓе за да се подобрат мерките за спречување на трговијата со луѓе, како и вклучување на професионалци од маргинализирани групи во овие услуги и соработка со граѓански организации.

Потребно е и обезбедување еднаков пристап до општите социјални услуги како образование, здравствена заштита, услуги за вработување и социјална поддршка на припадниците на маргинализираните групи вклучително и преку употреба на афирмативни мерки за намалување на ранливоста на трговија со луѓе.

Во рамки на проектот „Заштити ги децата на улица“ во соработка со партнерски организации, „Отворена порта-Ла Страда“ спровела осум работилници во кои биле вклучени повеќе од 130 родители и млади кои биле запознати со феноменот трговија со луѓе, како да препознаат потенцијална опасност и да се заштитат себе си и останатите околу нив.

Одржани биле 36 сесии за психолошка поддршка на потенцијални жртви и жртви на трговија со луѓе за да има се помогне за надминување на траумите и реинтеграција.

Тие очекуваат со оваа иницијатива да се зголеми мултисекторскиот пристап и соработката меѓу организациите како и да се започне отворен дијалог за практични решенија за спречување на различни видови на трговија со луѓе, особено принудното питачење. Инаку бројот на оваа СОС линија за помош на овие деца жртва е-0800 11111.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот