Трендафилов: Владата и работодавачите ни велат дека многу бараме, требало да бидеме среќни со платите
„За жал – големо разочарување, нема изгледи за зголемување на минималната плата. Тоа што го слушнавме внатре е дека ССМ многу бара и дека работниците многу бараат и дека доста ни е, и треба да бидеме среќни со тие плати што ги добиваме“, изјави претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, по денешната седница на Економско-социјалниот совет.
Препорачано
Прашањето за минимална плата од 500 евра и за усогласување на останатите плати било отворено на седницата на Економско-социјалниот совет кој денеска заседаваше по неколкумесечна пауза, но ставот на Владата е дека за зголемување на минималната плата „мора да се земат предвид и други параметри“ и да „не се дозволи зголемување на инфлацијата“.
На почетокот на седницата, премиерот Христијан Мицкоски кажа дека Владата има јасна слика за реалната состојба во која живеат граѓаните, но дека „стандардот не може да се подобри преку ноќ“.
Од ССМ изразија разочарување, посочувајќи дека минималната плата во земјава ќе остане најниска во регионов. Тие бараат Владата да покаже дека се грижи за работниците, a пратениците пред локалните избори да донесат брзи законски измени и да утврдат минимална плата од 500 евра.
„Работодавачите сметаат дека нема простор за зголемување на минималната плата во Македонија, сметаат дека доволно плаќаат, но дека работниците не се продуктивни. Колку нè плаќаат – толку сме им продуктивни, колку повеќе нè плаќаат – толку повеќе ќе им бидеме продуктивни“ изјави претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов.
Oд Организацијата на работодавачите пак, тврдат дека сега не е време за зголемување на минималната плата, оти, според нив, намалена е продуктивноста, а малите и средните претпријатија нема да можат да издржат покачување на минималецот.
По завршување на седницата, министерот за економија и труд Бесар Дурмиши ја повтори „мантрата“ која од „Илинденска“ ја вртат веќе со месеци – Владата не може да зазема страна меѓу работниците и работодавачите.
„Не сме против покачување на минималната плата, напротив, работиме на тоа граѓаните да имаат подобар стандард и секогаш како Влада имаме јасен став дека ако се усогласат синдикатите со работодавачите, ние сме таму да ги поддржиме, не можеме да држиме една страна. Како втор, во јавната админситрација платите се покачени, за една година повисоки плати има во здравство, образование, полиција… Треба да ја видиме и продуктивноста во работата, ние нема да воведеме ад хок покачување на минималната плата, за на другата страна да имаме инфлација, како што беше порано“, рече Дурмиши.
На денешната седница на ЕСС била презентирана и методологијата по која ќе се пресметува потрошувачката кошничка, која Владата ја подготви откако ја прогласи кошничката која ја пресметува ССМ, т.н. „синдикална“ – за нереална.


