Треба ли Европа сериозно да го сфати Трамп за НАТО?
Способноста на Трамп да ги повлече САД од НАТО е ограничена со закон донесен во 2023 година, кое бара двотретинско одобрување од Конгресот. САД би можеле да ги повлечат силите од своите бази во Европа, но дали навистина би сакале да се откажат од објекти развивани со децении, кои ја подобруваат нивната способност за проектирање сила?
Трансатлантскиот однос живурка во текот на првата година од враќањето на Доналд Трамп во Белата куќа, и покрај очигледната аверзија на американскиот претседател кон НАТО и кон Европската Унија. Овој однос ги преживеа несогласувањата околу Украина, економските турбуленции и Гренланд. Но, сега му се заканува нов и можеби најтежок удар, а тоа е војната во Иран којашто е избор на САД, а која многу европски земји ја сметаат за непромислена и нелегална, при што за неа воопшто не биле консултирани.
Препорачано
Европските влади одбија да дадат права за прелет и за слетување на американски воени авиони, како и да испратат сили во Заливот за воена операција за повторно отворање на Ормутскиот Теснец. Како одговор на тоа, Трамп сега се заканува дека ќе ги повлече САД од НАТО.
– Алијансата е хартиен тигар – изјави претседателот за британски „Дејли телеграф“.
Според анализа на „Политико“, европските лидери и високи функционери зад затворени врати веќе разговараат како да реагираат на овие закани на Трамп, како и што би значело тоа во пракса ако навистина се случи. Според разговорите на бриселскиот портал со 24 европски функционери и дипломати, во тие кругови сè повеќе преовладува оценката дека зачестените и поостри напади на Трамп врз земји како Велика Британија, Шпанија и Франција се знак за длабок и сериозен раскол во трансатлантските односи.
Иако европските сојузници сè уште немаат јасен одговор како да постапат, дел од нив веќе разгледуваат можности за нови одбранбени и безбедносни формати што би ѝ овозможиле на Европа да се потпре повеќе на себе, наместо на ослабената Алијанса.
– НАТО-алијансата е парализирана, тие дури и не можат да се состанат – вели европски дипломат за „Политико“.
Според еден функционер, „прилично е јасно дека НАТО веќе се распаѓа“. Овој политичар нагласува дека Европа итно треба да ја зајакне својата одбрана.
Сепак, и покрај стравовите на европските политичари, прашање е колку сериозно треба да се сфатат заканите на Трамп.
Во колкава мера Европа зависи од Америка?
Способноста на Трамп да ги повлече САД од НАТО е ограничена со закон донесен во 2023 година, кое бара двотретинско одобрување од Конгресот. САД би можеле да ги повлечат силите од своите бази во Европа, се вели во анализа на „Јурактив“, но дали навистина би сакале да се откажат од објекти развивани со децении, кои ја подобруваат нивната способност за проектирање сила? Европските лидери одамна стравуваат дека Трамп би можел да се откаже од Украина, но тешко е да се сфати како една таква огромна стратешка победа на Русија би им служела на американските интереси.
Сепак, заканите и непредвидливото однесување на Трамп само дополнително ќе ја зацврстат решеноста кај многу европски лидери, а и кај голем дел од јавноста, дека Европа мора да ја намали зависноста од САД и да ја зајакне сопствената стратешка автономија. Како што наведува Германскиот институт за меѓународни и безбедносни прашања во нов извештај: „Односот на Трамп кон Европа веќе не е само трансакциски, туку сѐ повеќе наликува на уцена, со користење различни инструменти за да се покаже дека ‘моќта ја диктира правдата’“.
Според извештајот на германскиот аналитички центар, Европа тешко ќе може да ја намали зависноста од САД бидејќи таа се протега на повеќе клучни полиња — од одбраната, преку технологијата и енергијата, до трговијата и финансиите. Дополнително, Трамп во царинските спорови покажа дека е спремен секоја од тие зависности да ја претвори во средство за притисок, за да ги наметне своите интереси, поврзувајќи ја поддршката за Украина со обезбедување едностран трговски договор.
Туск отворено кон Трамп: Политиката на Вашингтон му оди директно во прилог на Путин
Еден таков пример е одбраната. Европејците веќе преземаат многу од клучните одговорности во НАТО, но им недостигаат стратешките ресурси што би им дозволиле самостојно да проектираат сила: сателитски комуникации, транспортни системи и воздушно дополнување гориво. Изградбата на европски алтернативи би траела од 10 до 15 години, проценува германскиот тинк-тенк, под претпоставка Европа да најде начин да ги финансира. Ниту тој процес, пак, не би бил вистински независен: Европа би имала малку избор освен да купи голем дел од тој капацитет од САД бидејќи нема сопствени системи, и така би му дала на Вашингтон дополнителна мoќ. Според Меѓународниот институт за стратешки студии (ИИСС), и по 2022 година дури 34 отсто од европската воена потрошувачка завршиле кај американски изведувачи.
Подеднакво е тешко да се види како Европа би можела да постигне значајна безбедносна независност без да постигне и технолошка независност. Европа останува зависна од Америка за голем дел од технологијата што ја потпира нејзината економија. Технолошката автономија би барала Европа да изгради сопствен технолошки капацитет, од микропроцесори до софтверски системи. Тоа би било работа за децении, а цената би била астрономска. Според извештај на американската Комора за напредок од 2025 година, постигнувањето технолошка автономија би чинело пет билиони евра — повеќе од 25 пати од годишниот буџет на ЕУ, или приближно една четвртина од БДП на ЕУ. Во текот на оваа транзиција, Европа ќе остане акутно ранлива на американска присила.
Трамп сака Европа да купува гориво од Америка, а не од Кина
Европејците не треба погрешно да ги толкуваат заканите на Трамп дека ќе се оттурне од НАТО како доказ за повлекување кон изолационизам. Напротив, анализира „Јурактив“, Европа и натаму има витално значење за Америка во нејзиното ривалство со Кина. Вашингтон сака Европејците да ги отстранат регулаторните пречки со кои се соочуваат американските технолошки компании и да купуваат повеќе американски фосилни горива, наместо да се свртат кон кинески обновливи извори.
Јасно е дека САД имаат намера да останат целосно вклучени во европските работи, дури и додека се повлекуваат од традиционалните методи на ангажман. Што тоа значи во пракса може јасно да се види во Унгарија, каде што администрацијата на Трамп силно лобира во полза на премиерот Виктор Орбан во пресрет на изборите на 13 април. Парадоксот е во тоа што колку повеќе САД директно се мешаат во националната политика, толку поголема поддршка обично создаваат за политичари што се подготвени да им се спротивстават.
Европските лидери можеби добија пофалби дома зашто ѝ се спротивставија на Америка околу Иран. Но, резултатот најверојатно ќе биде подалечен и поконфронтациски однос со САД, за кој европските влади не се подготвени, заклучува „Јурактив“.


