Трансплантацијата на органи ќе ја оправаме и развиваме со турска помош

Трансплантацијата на органи во земјава која имаше циклуси и падови кај нас ќе се развива со експертска помош во организација со Турција, Интернационална мрежа за трансплантација. Преставници на оваа организација имале средба со министерот за здравство Венко Филипче и националната координаторка за трансплантација Маја Мојсова, на чија иницијатива тие се во земјава и учествуваат на конгрес.

Министерот Филипче вели дека оваа организација нуди се што ни е потребно за развивање на трансплантацијата и очекува наскоро да се потпише меморандум за соработка.

– Соработката со оваа организација е одлична можност за нас, бидејќи го нуди она што ни е потребно, експертиза во делот на трансплантацијата, обуки таму  и тука, како и соработка во делот на подигање на јавната свест за важноста на трансплантацијата на органи и ткива – вели Филипче.

Турците оставиле примерок од меморандумот за соработка, но Филипче вели дека услов за тој да биде потпишен е ние да ги направиме листите на чекање на сите пациенти кои имаат потреба од трансплантација, а не само на бубрези, единствената трансплантација која засега се работи кај нас.

Инаку кај нас се уште нема официјална листа на пациенти кои чекаат трансплантација на бубрег. Оваа листа во некаква форма постоеше на Клиниката за нефрологија, а Министерството за здравство веќе подолго време работи на неа. Последните најави се дека ќе биде готова до крајот на годината.

Иако досега никој од здравствените власти јавно не кажал со кои проблеми се соочува трансплантацијата, сепак во јавноста се шпекулира за се уште висок број смртни случаи на трансплантирани пациенти и голем број на повторни операции (ревизии) по направена трансплантација. Поради ова, поранешниот министер за здравство Никола Тодоров, извесен период забрани да се прават трансплантации. Како што велат упатените, од тогаш до сега квалитетот на трансплантација не е многу подигнат, но се очекува напредок да се постигне со вклучување на странска експертиза.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот