Доналд Трамп/ Фото: EPA/YURI GRIPAS / POOL

Трамп тврди дека не му е потребна согласност од Конгресот за да нареди напади врз Венецуела

Доналд Трамп вчера изјави дека не му е потребно одобрение од Конгресот за да нареди напади врз Венецуела, додавајќи дека е загрижен за протекување информации, пренесува АФП.

„Не би имал ништо против да им кажам (…) Не морам“, рече републиканскиот претседател кога еден новинар го праша дали планира да побара одобрение од Конгресот за копнени напади врз Венецуела.

„Се надевам само дека информациите нема да протечат“, рече тој.

Американскиот претседател постојано се закануваше во последните месеци дека ќе нареди напади на венецуелска почва против наркокартелите.

Од септември, американската војска бомбардира бродови за кои се сомнева дека се вмешани во трговија со дрога, операции во кои загинаа најмалку 99 лица; сепак, легалноста на овие напади е доведена во прашање, бидејќи се чини дека се извршени надвор од секоја законска рамка.

Политичарите и од опозициските демократи и од претседателското мнозинство во Конгресот веруваат дека Доналд Трамп нема законско овластување да нареди копнени напади во Венецуела без одобрение од федералниот парламент.

Но, Претставничкиот дом, во кој републиканците имаат мнозинство, во средата отфрли два текста насочени кон ставање на американските напади во правна рамка. Слични иницијативи во Сенатот не доведоа до никаде.

„Претседателот не покажа дека има потребно овластување, според американското или меѓународното право“, за овие напади, нагласи демократскиот претставник Грегори Микс во дебатата во Долниот дом.

„Никој не може веродостојно да каже дека овие бродови, кои во некои случаи дури и не се движеа кон Соединетите Држави и беа илјадници милји од американска територија, претставуваа непосредна закана“, додаде тој.

Администрацијата на Трамп тврди дека претседателот ги користи своите права, бидејќи овие бомбардирања се вршат во контекст на „вооружен конфликт“ против нарко-картелите – сега означени како „странски терористички организации“.

Според Уставот на САД, иако претседателот по дефиниција е шеф на вооружените сили, само Конгресот има овластување формално да објави војна.

Но, со децении, наместо формално објавување војна, еден претседател по друг претпочиташе да се потпира на одлука на парламентот за да нареди воени операции во странство, почнувајќи од Авганистан.

Ова „Овластување за употреба на воена сила“ (AUMF), одобрено во 2011 година, по нападите од 11 септември, сè уште е во сила.

ВИДЕО | Најмалку четворица загинати во нов американски напад врз глисер во Пацификот

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот