Трамп со жестока закана до контролорите на летање во САД: Вратете се на работа или чао!
Американските сенатори постигнаа привремен договор за запирање на рекордната 40-дневна буџетска парализа што блокира дел од јавните услуги, објавија повеќе медиуми. Но, наместо смирување, ситуацијата ескалираше денеска со остра закана од претседателот Доналд Трамп упатена кон контролорите на летање, кои не доаѓаат на работа поради тоа што со недели не примиле плата, јави Блумберг.
Препорачано
Во изминатата недела беа откажани илјадници летови, а само денес авиокомпаниите анулираа повеќе од 1.500 поради недостиг на персонал и намален капацитет на контрола на летање.
Трамп, преку својата социјална мрежа Truth Social, им порача на контролорите дека мора веднаш да се вратат на работа, предупредувајќи ги дека оние што ќе продолжат со отсуството ќе се соочат со казни. Истовремено, најави бонус од 10.000 долари за оние кои останале на своите должности за време на блокадата, кои тој ги нарече „големи патриоти“.
Во долгата објава тој ги критикуваше и контролорите кои земале слободни денови, иако, како што тврди, знаеле дека ќе бидат исплатени целосно веднаш по донесувањето на новиот буџет. Претседателот најави дека тие можат „слободно“ да ја напуштат службата без право на отпремнина, а дека наскоро ќе бидат заменети со „вистински патриоти“ кои, според него, ќе работат на нова и модерна опрема што владата моментално ја набавува.
Рекордната буџетска блокада сериозно ја наруши работата на федералните агенции, меѓу кои и Администрацијата за федерална авијација (FAA). Поради недостиг на персонал и загриженост за безбедноста на воздушниот сообраќај, FAA им наложи на авиокомпаниите да ги намалат дневните летови за четири проценти на 40 клучни аеродроми, почнувајќи од петок. Ограничувањата ќе се зголемат на шест проценти во вторник и ќе достигнат 10 проценти од 14 ноември.
Сенатот се приближи до усвојување закон за повторно отворање на владата, но остануваат прашања околу тоа кога FAA ќе ги повлече ограничувањата. Министерот за транспорт, Шон Дафи, изјави дека прво треба да се забележат подобрувања во бројките за контролорите и во показателите за безбедноста пред да се размислува за укинување на мерките.
Воздушниот сообраќај во САД останува во хаос, а политичкиот притисок околу буџетската блокада и неисплатените федерални работници дополнително ја вжештува атмосферата во Вашингтон.


