Трамп се сретна со Ким Џонг-ун (ВИДЕО)- Слободен печат
ВестиПланета

Трамп се сретна со Ким Џонг-ун (ВИДЕО)

Тој е првиот американски претседател кој стапнал на севернокорејска почва.

Американскиот претседател Доналд Трамп денеска се сретна со севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун во демилитаризираната зона на Корејскиот Полуостров, се ракуваше со него, а потоа ја премина линијата која ги дели двете Кореи. Со тоа Трамп стана првиот американски претседател кој стапнал на тлото на Северна Кореја.

– Да се премине таа линија е голема чест, голем напредок е постигнат, големо пријателство е склопено…, изјави Трамп.

Tој пеш ја мина границата меѓу Северна и Јужна Кореја во селото Панмуџон, каде во 1953 година е потпишано примирје.

– Ова е голем ден за светот, изјави Трамп на границата меѓу двете Кореи. – Тоа значи дека сакаме да го запреме несреќното минато и да се обидеме да создадеме нова иднина.

Ким изрази надеж дека ќе бидат „совладани пречките” во односите со Трамп.

Американските меидуми известуваат дека севернокорејскиот лидер изгледал опуштено и задоволно додека разговарал со Трамп.

– Ова е израз на неговата волја да работи на нова иднина, истакна Ким.

Американскиот претседател го повика својот севернокорејски колега да го посети во Белата куќа, а Ким потенцираше дека би било голема чест Трамп да го посети во престолнината Пјонгјанг.

Ова е трета средба на двајцата претседатели, после нивниот историски Самит во јуни минатата година и неуспешните преговори во Виетнам во февруари.

Администрацијата на Трамп бара Пјонгјанг трајно да се откаже од својата нуклеарна програма пред да разгледа укинување на меѓународните санкции. Официјален Пјонгјанг одбива таков редослед на настаните.

Инаку, Трамп вчера пристигна во Сеул, на средба со јужнокорејскиот претседател по Самитот Г20 во Осака, од каде преку Твитер објави неочекувана покана за средба со Ким во демилитаризираната зона.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Слободен Печат значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени на сајтот.

Тагови

Слични артикли

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Close