Подарок од Путин за Трамп на средбата во 2018 година / Фото: EPA / Anatoliy Maltsev

Трамп очекува тој и Путин да се сретнат кај заедничките пријатели – во Саудиска Арабија

Американскиот претседател Доналд Трамп им изјави на новинарите дека ќе се сретне со неговиот руски колега Владимир Путин во Саудиска Арабија, откако претходно во телефонски разговор се договориле веднаш да започнат преговори за ставање крај на војната во Украина, јави „Ројтерс“.

„Ќе се сретнеме во Саудиска Арабија“, им кажа Трамп на новинарите во Белата куќа.

Покрај разговорите со Путин, Трамп денеска разговарал и со украинскиот претседател Володимир Зеленски.

Во долга објава на неговата социјална мрежа „Truth Social“ подоцна, Трамп наведе дека тој и Путин „се договориле нивните преговарачки тимови веднаш да започнат преговори“.

Кремљ објави дека Трамп и Путин разговарале околу час и половина и дека се договориле да се сретнат. Руската новинска агенција ТАСС објави дека Путин го поканил Трамп да ја посети Москва.

Трамп во објавата зборува за „долг и многу продуктивен“ разговор со неговиот руски колега за „Украина, Блискиот исток, енергијата, вештачката интелигенција, јачината на доларот и разни други теми“.

Американскиот претседател пред новинарите во Белата куќа рече дека „не е практично“ Украина да биде примена во НАТО, коментирајќи ја пораката на неговиот секретар за одбрана, Пит Хегсет, пред сојузниците во Брисел денеска – дека зачленувањето на земјата во Алијансата не е реална опција.

„Тоа е вистина. Мислам дека долго пред претседателот Путин, тие (Русија) рекоа дека под никакви околности нема да дозволат тоа да се случи“, рече Трамп говорејќи во Белата куќа.

По разговорот со украинскиот претседател, Трамп на социјалната мрежа напиша дека Зеленски „сака да постигне мир“.

„Разговорот помина многу добро. Тој, како и претседателот Путин, сака да постигне МИР“, напиша тој.

Кабинетот на Зеленски потоа објави дека тој и Трамп разговарале околу еден час, а самиот украински претседател напиша на „Икс“ дека тој и Трамп разговарале за „можностите за постигнување мир“, „нашата подготвеност да работиме заедно… и технолошките способности на Украина… вклучувајќи беспилотни летала и други напредни индустрии“.

Придвижувањето на преговорите за крај на војната во Украина што денеска го објави Трамп, наиде на реакција од Европа. Шефовите на шпанската, германската и француската дипломатија во Париз преку заедничка изјава порачаа дека „не може да се донесе одлука за Украина без Киев и без учество на Европа“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот