Трамп најави можни копнени напади врз нарко-картелите во Латинска Америка
Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека неговата администрација би можела „многу наскоро“ да започне копнени напади врз осомничени цели за трговија со дрога низ Латинска Америка, без да прецизира кога или каде ќе бидат извршени нападите.
Препорачано
„Ќе почнеме да ги извршуваме тие напади на терен. Ги знаеме нивните рути, знаеме сè за нив, знаеме каде живеат. Каде живеат најлошите од нив. И ќе почнеме да го правиме тоа многу наскоро“, рече Трамп за време на состанокот на кабинетот, објавија американските медиуми.
Трамп не прецизираше кога би можеле да започнат нападите или каде би биле извршени.
Во последните недели, според извештаите на американските медиуми, се дискутираше за можни воени операции во Венецуела, иако Каракас ги негира обвинувањата на Вашингтон дека венецуелскиот претседател Николас Мадуро соработува со нарко-картелите.
Трамп рече дека нападите нема да бидат ограничени само на Венецуела и дека „секоја земја каде што се произведува или транспортира дрога“ е потенцијална цел, особено истакнувајќи ја Колумбија, за која САД велат дека не ја контролира соодветно трговијата со дрога.
Во исто време, САД го зајакнуваат своето воено присуство на Карибите – носачот на авиони „Џералд Р. Форд“ е распореден во регионот, а борбените авиони Ф-35 се во Порторико, а Трамп изјави за време на викендот дека „воздушниот простор над Венецуела е затворен“.
Евентуалните напади врз териториите на латиноамериканските земји значително би ги прошириле операциите на администрацијата против дрога, кои досега погодија повеќе од 20 бродови на Карибите и Пацификот, при што загинаа повеќе од 80 лица.


