Трамп ја разреши Пем Бонди оти бавно ги гонела неговите противници, а и поради Епстин

Американскиот претседател Доналд Трамп денеска ја разреши државната обвинителка Пем Бонди од функцијата, изјави претставник на Белата куќа, по растечкото незадоволство од нејзиниот учинок, вклучително и од начинот на кој ги водела истражните досиеја поврзани со покојниот финансиер и сексуален престапник Џефри Епстин, објави „Ројтерс“.

Наводно, Трамп бил сè пофрустриран и затоа што Бонди не се движела доволно брзо во гонењето на критичари и на противници за кои тој сакал да се соочат со кривични обвиненија.

За време на нејзиниот мандат како прва личност на американското федерално обвинителство, Бонди беше борбен бранител на агендата на Трамп и ја демонтираше долгогодишната традиција на Министерството за правда за независност од Белата куќа во истрагите.

Но, токму повторените критики околу досиејата за Епстин, вклучително и од сојузници на Трамп и од некои републикански пратеници, станаа доминантно обележје на нејзиниот мандат. Бонди беше обвинувана дека прикрива или лошо раководи со објавувањето на записите од истрагите на Министерството за правда за сексуалната трговија поврзана со Епстин, финансиер кој негувал врски со низа богати и моќни личности.

Ова прашање му создаде политички главоболки на Трамп и повторно го насочи вниманието кон неговото поранешно пријателство со Епстин, за кое тој вели дека завршило пред децении.

Нејзиното разрешување би можело да доведе до промена на стратегијата во Министерството за правда и потенцијално до обновен притисок американскиот правосуден систем да се користи против метите на Трамп.

Бонди е втор висок функционер на Трамп што неодамна беше отстранет од функцијата. Трамп на 5 март ја разреши и министерката за внатрешна безбедност Кристи Ноем, по критики за нејзиното управување со агенцијата и со имиграциската агенда на Трамп.

Пем Бонди се испокарала со конгресмените на сослушувањето за Епстин: „Вие тука го напаѓате Трамп!“

Бонди, која претходно беше републиканска државна обвинителка на Флорида, тврдеше дека нејзин приоритет бил Министерството за правда повторно да се насочи кон борбата со насилниот криминал и да ја врати довербата кај гласачите и поддржувачите на Трамп, особено по двата кривични случаи што федералните обвинители ги поведоа против него додека беше надвор од Белата куќа. Но, нејзиниот мандат беше проследен и со остри забелешки, особено поради отстранувањето на десетици искусни обвинители кои работеа на истраги што не му беа по волја на Трамп, што критичарите го оценија како удар врз принципот на непристрасност во американското правосудство.

Дополнителен товар за неа стана и начинот на кој беа водени и објавувани материјалите поврзани со Џефри Епстин. Бонди уверуваше дека администрацијата постапувала потранспарентно од претходните власти и дека правниот тим на Министерството за правда работел под силен временски притисок за да обработи обемен материјал. Сепак, таа беше жестоко критикувана и во Конгресот, каде на нападите возвраќаше политички, без извинување кон жртвите и нивните семејства. Контроверзијата дополнително се засили откако првичната објава се покажа како претежно веќе познат материјал, по што Министерството за правда и ФБИ објавија дека случајот е затворен.

Иако подоцна беше усвоен двопартиски закон за речиси целосно отворање на досиејата и беа објавени околу три милиони страници, спорот не стивна поради редакциите во документите и откривањето на идентитетот на дел од жртвите.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот