Трамп ги поништи наодите дека стакленичките гасови се штетни и ги укина еколошките стандарди за загадување од возилата
Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп објави дека ги поништуваат научните наоди дека емисиите на стакленички гасови го загрозуваат здравјето на луѓето, како и дека ги елиминираат федералните стандарди за издувните гасови од автомобили и камиони, пренесува Ројтерс.
Препорачано
Ова е најголемо повлекување на политиките за климатските промени од администрацијата досега, по низа регулаторни намалувања и други потези наменети да се ослободи развојот на фосилни горива и да се спречи воведувањето чиста енергија.
„Според процесот штотуку завршен од Агенцијата за заштита на животната средина (EPA), официјално го прекинуваме таканареченото откритие за загрозување, катастрофална политика од ерата на Обама што сериозно ја оштети американската автомобилска индустрија и ги зголеми цените за американските потрошувачи“, рече Трамп, посочувајќи дека тоа е најголемата дерегулаторна акција во историјата на САД.
Агенцијата за заштита на животната средина соопшти дека откритието за загрозување се потпирало на неточно толкување на федералните закони за чист воздух, наменети да ги заштитат Американците од загадувачи што нанесуваат штета преку локална или регионална изложеност, а не преку затоплување на глобалната клима.
„Оваа погрешна правна теорија ја изнесе Агенцијата надвор од опсегот на нејзините законски овластувања во повеќе аспекти“, се наведува во соопштението. Трамп го објави укинувањето во присуство на администраторот на EPA, Ли Зелдин, и директорот за буџет на Белата куќа, Рас Вот, кој долго време се залага за поништување на наодот и беше клучен во конзервативниот политички план „Проект 2025“.
Според Трамп, климатските промени се „измама“ и ги повлече САД од Парискиот договор, со што најголемиот историски придонесувач за глобалното затоплување остана надвор од меѓународните напори за борба против него. Тој исто така потпиша законодавство со кое се укинаа даночните олеснувања од ерата на Бајден, наменети да се забрза воведувањето електрични автомобили и обновлива енергија.
Поранешниот претседател Барак Обама остро го критикуваше потегот на платформата X.
„Без научниоит наод ќе бидеме помалку безбедни, помалку здрави и помалку способни да се бориме против климатските промени — сè за да може индустријата за фосилни горива да заработи уште повеќе пари“, објави Обама.
Од друга страна, Зелдин рече дека администрацијата на Трамп ја презела најзначајната климатска политика во последните 15 години, нешто што Агенцијата го избегнувала за време на неговиот прв мандат, поради загриженоста на индустријата за правна и регулаторна несигурност.
„Одредена од некои како светиот грал на федералното регулаторно претерување, наодот за загрозување на Агенцијата од 2009 година на Обама сега е елиминиран“, рече тој.
Констатацијата за загрозување првпат беше усвоена од САД во 2009 година и ја наведе Агенцијата да преземе мерки согласно Законот за чист воздух од 1963 година за намалување на емисиите на јаглерод диоксид, метан и четири други загадувачи на воздухот што ја задржуваат топлината од возилата, електраните и другите индустрии.


