Фото: EPA-EFE/MICHAEL REYNOLDS

Трамп: Деновите на Мадуро се одбројани

На прашањето дали САД планираат војна против Венецуела, претседателот Доналд Трамп рече дека не верува во такво сценарио. Сепак, на дополнително прашање дали Николас Мадуро ќе остане долго на власт, одговори: „Не би рекол. Така мислам.“

Американскиот претседател Доналд Трамп испрати мешани пораки околу можноста за воена интервенција на САД во Венецуела одбивајќи да зборува за „војна“, но истовремено упатувајќи закани кон лидерот на јужноамериканската држава на неговото интервју со „Си-би-ес“, пренесе „Фокс њуз“.

Во интервјуто објавено во неделата, Трамп предупреди дека „деновите на претседателот Николас Мадуро се одбројани“. Изјавата доаѓа во момент на засилено американско воено присуство во Карибите, каде што САД спроведоа повеќе напади врз наводни бродови за шверц на дрога — акции кои, според претставници на ОН и експерти, претставуваат јасно прекршување на американското и меѓународното право.

На прашањето дали САД се подготвуваат за војна против Венецуела, Трамп одговори „Не верувам. Не мислам така“.

Но, кога беше запрашан дали Мадуро ќе остане долго на власт, тој изјави „Би рекол не. Така мислам“.

Американските медиуми објавија дека Вашингтон планира воздушни удари врз воени објекти во Венецуела како дел од „војната против нарко-тероризмот“.

Трамп навидум ја негираше можноста за директни напади во Венецуела, но не ја исклучи целосно.

— Не би рекол дека би го направил тоа. Но, нема да ви откријам што ќе направам со Венецуела — изјави тој.

Мадуро, кој е обвинет во САД за трговија со дрога, го обвини Вашингтон дека ја користи борбата против наркотиците како изговор за „смена на режимот“ во Каракас и за преземање на венецуелската нафта.

Американската војска, во последните неколку недели, извршила повеќе од десет напади врз бродови во Карибите и на Пацификот, при што биле убиени најмалку 65 лица. Кампањата предизвика остри реакции и критики од влади низ регионот.

Вашингтон сè уште нема објавено никакви докази дека убиените навистина шверцувале дрога или претставувале закана за САД.

Венецуела спроведува вежби за заштита на своите брегови од „тајни операции“ на САД

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот