Трајковски: Данска е фаворит на хартија, но сме покажале дека можеме да играме против секого
Македонската фудбалска сениорска репрезентација втор ден на тренинг центарот „Петар Милошевски“ се подготвува за првиот плеј-оф натпревар против Данска за пласман на Светското првенство 2026 на 26 март во Копенхаген (20.45 часот). Нашиот репрезентативец, Александар Трајковски потенцира дека тимот мора максимално сериозно да пристапи на дуелот.
Препорачано
Напаѓачот, кој пред четири години во Палермо го постигна историскиот гол против Италија за пласман во финалето за СП 2022, верува дека новата енергија во тимот може да донесе позитивен резултат. Воедно нагласи дека фокусот и концентрацијата ќе бидат клучни против силниот противник.
-Со нов селектор доаѓа нова енергија и нова визија. Мислам дека добро ќе се подготвиме за овој натпревар. Вчера првпат се приклучив и навистина видов одлична атмосфера и квалитетен тренинг. Ако продолжиме вака, ќе бидеме максимално подготвени. Данска можеби е фаворит на хартија, но ние сме покажале дека можеме да играме против секого. Верувам во оваа екипа. Изјавите од нивна страна може само дополнително да нè мотивираат – вели Трајковски.
Трајковски не крие дека овој натпревар има посебно значење за него. Потенцира дека во вакви дуели фаворитската улога не игра пресудна улога.
-Искрено, ова е еден од најважните натпревари во мојата кариера на репрезентативен план. Нема поубаво чувство од победа во вакви моменти и можност да се бориш за пласман на Светско првенство. Се надевам дека ќе успееме да го повториме успехот од Палермо. Ова е фудбал, се игра еден натпревар и сè е можно. Ќе ја анализираме Данска, ќе ги бараме нивните слабости и ќе се обидеме да ги искористиме. Само така можеме да дојдеме до посакуваниот резултат – се зборовите на Трајковски.


