Традиција засилена со младешка енергија на 11. „ПМГ Рекордингс фестивал“

Единаесеттото издание на „ПМГ Рекордингс фестивал“ ќе се одржи на 25 септември во Младинскиот културен центар. На два музички подиуми ќе продефилираат некои од највозбудливите имиња на македонската музичка сцена, а фестивалот ќе биде дел од популарната „Бела ноќ“ со слободен влез за сите љубители на квалитетна современа домашна музика.

Фестивалот се организира од „ПМГ рекордингс“, дискографска куќа со над 200 изданија на современа македонска музика, која секогаш е доследна до високиот критериум за квалитет, кој го презентира во најдобро светло на својот годишен фестивал.

Првиот подиум ќе биде поставен во МКЦ Парк и е резервиран за бендовскиот дел од програмата. Еден од најуспешните наши бендови во последниве 20 години, со 9 албуми и голем број хитови е секако „ПМГ Колектив“. На овој фестивал, тие ќе го претстават материјалот од најновиот албум „Fraternité“, но во исто време и со новата постава од осум члена, вистински „ПМГ Колектив оркестар“, кој ќе понуди сосема ново искуство во перципирање на музиката на овој состав. На истото место ќе настапат и легендите на македонската џез-сцена „Сетстат“, добро познатата поп-дива Марија Каева со сосема нов материјал, загадочните електро-даркери „Блекстејт“ и извонредно интересните „Луфтханза“, кои внесуваат нова младешка енергија на сцената.

Вториот подиум, кој ќе биде поставен на МКЦ Плато, е резервиран за електронска танц музика, каде што, можеби, највозбудлив ќе биде деби-настапот во живо на електро-дуетот Диџеј Магија, а со диџеј-сетови ќе се претстават Дарко Јорданов, Нино Наумов, Божидар Видоески, Илина Ангел и DJ Uх од „Амок Радио“. Реализацијата на фестивалот е поддржана и од Министерството за култура.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 98, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 25-26 септември 2021)

Видео на денот