Тошковски: Зголемен е прагот на толеранција за брзината на возење
Од утре започнува целосната примена на системот „Безбеден град“, при што повеќе нема да се изрекуваат опомени, туку прекршоците ќе се санкционираат со казни, согласно новиот систем, информираше министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.
Препорачано
Во гостување во Дневникот на Македонската телевизија, тој информираше дека од вчера е во сила нов Правилник со кој се зголемува прагот на толеранција за возачите, по бројните реакции од јавноста во почетната фаза на имплементација.
Според новите правила: до 50 км/ч останува толеранција од 6 км/ч, од 50 до 100 км/ч толеранцијата е 9 км/ч, над 100 км/ч толеранцијата изнесува 12 км/ч.
Тоа значи, како што појасни министерот, дека ако ограничувањето е 30 км/ч, камерата ќе регистрира прекршок од 37 км/ч, а ако е дозволено 50 км/ч, казна ќе следи при возење од 60 км/ч. Кај ограничување од 100 км/ч, санкционирање ќе има при брзина од 113 км/ч.
Министерот најави и нов проект кој ќе се имплементира во наредните денови со поддршка на Македонски телеком. За прекршоците направени во рамки на толеранцијата, граѓаните ќе добиваат информативни пораки, без парична казна, со цел да им се укаже дека иако нема прекршок, ја надминале дозволената брзина.
„Иако нема казна, доколку некој со таква брзина предизвика сообраќајна незгода со тешки последици, ќе одговара кривично“, предупреди Тошковски.
Тој нагласи дека целта на системот е намалување на бројот на сообраќајни незгоди, повредени лица и загубени човечки животи, а не полнење на буџетот со казни.


