Тошковски објаснува колку ќе толерираат камерите од „Безбеден град“
За системот, чие спроведување е започнато во 2008 година, Тошковски откри дека државата досега потрошила 85 милиони евра
Толеранцијата на камерите од системот „Безбеден град“ ќе биде иста како онаа што се применува кај останатите полициски радари, откри министерот за внатрешни работи Панче Тошковски во гостување на „Телма“.
Препорачано
Министерот нагласи дека оваа толеранција се однесува исклучиво на сообраќајни прекршоци, но не важи во случаи кога ќе биде сторено кривично дело поврзано со сообраќајот.
„Тоа значи дека за брзини до 100 километри на час ќе има толеранција од шест километри, за брзини над 100 километри на час осум километри, а за брзини над 200 километри на час – 12 километри“, појасни Тошковски, додавајќи, пак, дека ако е дозволено 50 км/ч, „Безбеден град“ ќе регистрира прекршок од 57 км/ч.
Тошковски информираше дека системот „Безбеден град“ ќе ги процесуира и службените возила кога тие „не постапуваат во рамки на оправдани оперативни дејствија.“
-Кога служените возила ќе постапуваат во рамки на нивното оперативно делување, нема да бидат во систем, кога нема да постапуваат во рамки на оперативно делување, ќе бидат. Тоа значи дека секое возило на брза помош, пожарна, МВР, Министерството за одбрана, при вршење службени дејствија нема да биде дел од системот доколку тоа се оправда согласно целисходноста на нивното делување во рамки на нивното службено дејствие, рече Тошковски.
Проектот „Безбеден град“, заедно со неговото одржување во периодот од 2008 до 2025 година, ги чинел граѓаните околу 85 милиони евра, рече министерот Тошковски. Деталите за бројот и за цената на камерите остануваат тајни, односно класифицирани.
-Тие спецификации се безбедносно класифицирани информации. Она што можам да го кажам е дека трите договори заедно со одржувањето од 2008 до 2025 година чинат околу 85 милиони евра, рече Тошковски, додавајќи дека договорите се класифицирани согласно закон.
Според него, вкупната сума потрошена за 14 години е околу една петтина од годишните трошоци што државата ги има од сообраќајни незгоди, без поподробно да образложи.
Во однос на законот кој го опфаќа и „Безбеден град“, за кој е потребно двотретинско мнозинство во Собранието, Тошковски рече дека според него нема пратеник кој не би го поддржал овој проект и дека тој лично ќе се вложи во процесот на спроведување на „проектот кој спасува животи“.
Мицкоски: Ја поддржувам примената на „Безбеден град“ и негово проширување низ цела Македонија


