Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски во Собранието

Тошковски најави ново овластување за полицајците во случаите со семејно насилство

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски најави законски измени со кои полицајците ќе добијат ново овластување: веднаш да изречат итна мерка за заштита при семејно насилство, вклучително и отстранување на сторителот од домот, забрана за приближување и забрана за контакт со жртвата.

На денешната надзорна расправа во собраниската Комисија за еднакви можности на жените и мажите, Тошковски рече дека семејното насилство предолго било третирано „фрагментирано, со задоцнета реакција и без суштинска координација меѓу институциите“.

„Семејното насилство е едно од прашањата по кои најјасно се гледа колку навистина функционира системот, особено таму каде што државата треба навреме и суштински да ги заштити најранливите“, рече тој.

Според Тошковски, клучната новина во законските измени е воведувањето итна полициска мерка што ќе може да се изрече веднаш, врз основа на проценка на ризик и на утврдена непосредна опасност.

„Полицискиот службеник ќе може веднаш да изрече итна мерка за заштита на жртвата, односно сторителот да го отстрани од домот, да му забрани приближување и да му забрани контакт со жртвата. Мерката ќе се изрекува веднаш, без согласност од жртвата, и ќе важи до 48 часа, по што Судот ќе ја потврди, укине или ќе ја продолжи до 30 дена“, појасни Тошковски.

Тој нагласи дека мерката е во согласност со Истанбулската конвенција и претставува суштинска промена во начинот на институционално постапување.

Паралелно со законските измени, како што додаде, МВР работи и на воведување „боди-камери“ за полициските службеници, со цел интервенциите да бидат прецизно документирани и да се намали можноста за различни толкувања на настаните.

Танкица, Росица, Ивана… мора да се погребе наративот дека жените сами се виновни што се тепани до смрт

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот