Топ-шоп политика

По блокирањето на институциите и на вкупното општествено живеење, на ред се улиците во тоа нивно распаќе. Понудата ќе важи напролет. Прво да затопли!

Самонаречени патриоти во маички со ликот на Гоце Делчев прават хаос во работата на комисиите во Собранието, со единствена цел – да го блокираат функционирањето на сите три власти (законодавната, судската и извршната) и да предизвикаат распуштање на парламентот. Како последица на таквото однесување, на дневен ред не можат да дојдат повеќе од 30 закони. Во застој е и работата на судови, државни органи и јавни претпријатија, а забавено е и спроведувањето на политиките на Владата.

Долг е списокот на институции што зависат од добрата волја на пратениците – Судскиот совет, разни комисии, агенции и одбори, АЕК, АВМУ, Програмскиот совет на МТВ… Врв на неодговорност е неизбирањето уставни судии поради неработењето на Комисијата за избори и именување, кое трае од јуни минатата година до денес. Уставниот суд се сведе на работ на кворум – од девет останаа само пет члена и не може да одлучува со двотретинско мнозинство.

Неуспешниот обид за создавање ново парламентарно мнозинство со кое ќе ѝ се изгласаше недоверба на Владата предизвика одмаздољубивост на опозицијата, која во краен случај е на штета на граѓаните воопшто во услови на економска, здравствена и енергетска криза. Се користат сите лостови на моќта: седум од 22 собраниски комисии, по „рокадата“ на Алтернатива и Беса во парламентарното мнозинство, се блокирани затоа што во нив нема мнозинство соодветно на она во собраниските клупи.

О(каква комотна)позиција е тоа! Земаш дебела плата, а не даваш да се покачи туѓа. Прозиваш за ненародно однесување, а многубројни граѓански постапки тапкаат во место поради недавање да се носат закони во законодавниот дом. Досегашните модели на опструкција преку поднесување илјадници амандмани (филибастеринг), недоаѓање на пленарни или на комисиски седници, излегување од сала, читање поезија, надградени се со уште едно „копиле“ што се изроди од актуелното политичко дејствување на опозицијата – одбивање да се формираат комисии. Филибастери и политички бастарди.

Самостојноста во одлучувањето на пратениците одамна е притисната во наковалната на партијата. Синтагмата народни избраници ја губи смислата зашто тие се, всушност, партиски избраници, а со тоа и нејзини послушници. Ваквото практикување политика од Собранието направи заложник во борбата за власт. Слично се однесуваат и вршители на јавни функции, кои спроведуваат партиски налози, дури и да се апсурдни. Зад целата таа игра на одолговлекување и разводнување се крие вештачкото продолжување на мандатот на „своите“ судии, директори на агенции и јавни претпријатија.

Дволичен е и предлогот за намалување на бројот на пратеници од 120 на 90 за наводно штедење буџетски пари, кога за сите важни прашања опозицискиот лидер Христијан Мицкоски бара лидерски средби на кои ќе присуствуваат тој и премиерот, кој и да е, евентуално уште двајца албански лидери. Освен што пет години бара избори, Мицкоски не даде поддршка на ниеден владин проект, но успеа да го седне Зоран Заев на заедничка маса во Клубот на пратеници, кој може слободно да се прекрсти во Клуб за лидерски средби. Средби што се најубедлив доказ за развластување на парламентот.

Сега нивниот мозаик на политичка борба се состои од декларации, трибини за спас на идентитетот, па дури и навивачко оштетување венци,  кои секако не придонесуваат за создавање позитивна атмосфера. Времето ќе покаже како ќе заврши и оваа епизода на гледање сеир отстрана. Едно е јасно – откако заврши антиквизациската шарена лага што скапо ја плативме со отстапките во македонско-грчкиот спор, набрзина ги соблекоа „оклопите“ на фалангата за да го облечат дресот на Гоце Делчев за „дуелот“ со Бугарија.

Но, тоа не е сè во оваа топ-шоп политика! По блокирањето на институциите и на вкупното општествено живеење, на ред се улиците во тоа нивно распаќе. Понудата ќе важи напролет. Прво да затопли!

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот