Томан: Цврсто верувам дека до крајот на годината ќе се најде решение за почеток на преговорите со ЕУ

Фото: Слободен печат / Драган Митрески

Уверен сум дека Северна Македонија наскоро ќе ја има улогата на регионален лидер за европската интеграција, е оптимистичката порака што стигнува од амбасадорот на Република Чешка во Скопје, Мирослав Томан.

Чешка е голем поддржувач на нашата земја во евроинтеграциските процеси, а амбасадорот Томан верува дека ќе се најде решение за сите проблеми, вклучувајќи го и прашањето со Бугарија, како и дека Северна Македонија ќе добие датум за преговори со ЕУ до крајот на годинава.

За ставовите на Чешка како дел од ЕУ, за нејзината економска соработка со нашата земја и за новите можности што постојат, но и за прославата по повод нејзиниот национален празник – Денот на независноста на чехословачката држава, на која денес може да се вклучат и македонските граѓани, разговараме со Н.Е. амбасадорот Мирослав Томан.

Пред сѐ, Ви го честитам големиот национален празник што го славите на 28 октомври – Денот на независноста на чехословачката држава. Ова празнување, не само што е големо за Вас, туку чинам, во себе содржи и една огромна порака, која треба да допре до секого. Чехословачка денеска не постои. 75 години по прогласувањето на нејзината сувереност и независност од Австроунгарската Империја, Чешка и Словачка мирно се разидоа во 1993 година. Какви се оттогаш односите меѓу двете земји и што светот може да научи од ова искуство?

– Ви благодарам многу за честитките. Во право сте, на 28 октомври ја славиме 102-годишнината од основањето на Чехословачка, која беше создадена со заеднички напори на Чесите, Словаците, но и на многу други националности, со цел да живееме во нова, независна и демократска држава. Штета е што не можеме да ја прославиме оваа годишнина заедно, со оглед на глобалната пандемија. Сигурен сум дека на прославата немаше да изостанат ниту нашите словачки пријатели, и покрај тоа што, како што рековте со право, немаме заедничка држава од 1993 година. Доказ за нашите меѓусебни одлични односи може да биде примерот во Скопје од пред две години, кога за првпат по поделбата на нашите земји, заедно ја прославивме 100-годишнината од основањето на заедничката држава со чешки-словачки концерт во Македонската филхармонија.

Фото: Слободен печат / Драган Митрески

Набргу по падот на комунизмот во тогашна Чехословачка, преовладуваше ставот дека обете земји ќе тргнат по својот пат и ќе бидат одговорни за себе и за својата иднина. Ние се разделивме сосема пријателски, ја поделивме активата и пасивата и јас гордо може да ја преставам поделбата на нашите земји како пример за целиот свет, во решавањето на народните и националните спорови. Останавме најдобри пријатели, имаме меѓусебно поврзана економија и, како и пред поделбата, голем број Чеси живеат и работат во Словачка, и обратно. Нашата позиција, можности и потреби се многу блиски, па затоа природно сакаме да ги презентираме и да ги промовираме заедно, како во билатералната соработка, така и во пошироката рамка на Вишеградската група. Дојдени сме заедно во НАТО и ЕУ и работиме заедно и во овие групации.

Чешка самостојно, но и заедно со останатите три земји од Вишеградската четворка, е голем поддржувач на Северна Македонија во евроинтеграциските процеси. Тоа многупати е потенцирано и потврдено. Но сега, Северна Македонија може да се најде исправена пред европското „да“ за влезот во Унијата и бугарското „не“. Како Вие гледате на оваа позиција?

– Чешка е долгорочен поддржувач на земјите од Западен Балкан на нивниот пат кон ЕУ и НАТО. Ние секогаш ја поддржувавме и ќе ја поддржуваме Северна Македонија на нејзиниот пат кон интеграцијата во евроатлантските структури, а истото важи и за сите членки на Вишеградската група. Убедени сме дека поради заедничките културни и историски корени, стабилноста и меѓусебната безбедност, како и предизвиците со кои се соочува Европа сега, европската и евроатлантската интеграција не може да се заврши без целосна интеграција на сите земји од Западен Балкан. Убеден сум дека Северна Македонија наскоро ќе ја има улогата на регионален лидер и предводник во овој процес.

Чешка претседаваше со Вишеградската група до крајот на јуни годинава. За време на едногодишното претседателство, нашата приоритетна цел беше да ја потенцираме потребата од имплементација на земјите од Западен Балкан и почеток на пристапните преговори со Северна Македонија и со Албанија. Ние, секако, успеавме преку специјални самити на Вишеградската група + Западен Балкан 6 на ниво на премиери, претседатели и министри за надворешни работи и бевме задоволни што Европскиот совет во март даде зелено светло за овој процес. Уверени сме дека нашите полски колеги ќе продолжат да поддржуваат и да помагаат, како и сите други членови на Вишеградската група. Знаеме дека поставувањето на рамката за преговори привршува и чувствувам голема поддршка од речиси сите членки на ЕУ за поддршка на отворањето на Меѓувладината конференција во декември оваа година. Голема штета би било доколку не се реализира сето сработено и верувам дека ќе се исполнат сите услови за започнување преговори. Цврсто верувам дека и на билатерално ниво и со поддршка на земјата претседател со ЕК и другите земји членки ќе се најде решение што ќе значи почеток на преговорите со ЕУ кон крајот на оваа година. Чешка прави и ќе стори максимум од она што е возможно.

Веќе имате 16-годишно искуство како земја членка на ЕУ, но кога ќе го свртите погледот наназад, какви се Вашите пораки, на што најмногу внимание треба да обрне Северна Македонија во својот претпристапен пат?

– Претпристапниот процес не е краток, ниту едноставен. Ситуацијата во светот и во самата ЕУ поставува уште поголеми барања на земјите кандидати. Без целосно заземање и посветеност не само на владeјaчките партии, туку и на опозицијата, би било многу тешко успешно да се постигнат европските стандарди и да се спроведат принципите какви што се владеењето на правото, човековите права или професионалната државна администрација. Тоа мора да биде заедничка цел и заедничка активност. Владите во државите се менуваат, но принципите остануваат. Посебно поглавје е поддршката на населението, кое мора да увиди дека спроведувањето на правилата им носи подобар, побогат и послободен живот и потоа самите ќе создадат притисок за побрз и поефикасен процес.

Фото: Слободен печат / Драган Митрески

Со 196 милиони евра трговска размена во 2019 година, Чешка беше наш 19-ти трговски партнер. Очигледно постои простор за зголемување на оваа соработка, за поголем меѓусебен пласман на стоки и услуги. Што се прави во таа насока?

– Во право сте, нашиот трговски биланс навистина заслужува многу подобри бројки. Овде, во Амбасадата на Чешка во Скопје, се обидуваме активно да ги поврземе претприемачите и фирмите од двете земји и да најдеме заеднички области за меѓусебна соработка. По неколку години, одржавме состанок на Заедничката трговска комисија, каде што претставници на повеќе министерства од двете земји бараа начини за зголемување на меѓусебната соработка, имавме Бизнис-форум во Скопје поддржан од заменици министрите за економија на двете земји и многубројна претприемачка делегација од областа на индустријата и сообраќајот, каде што многу чешки фирми воспоставија лични контакти со своите македонски колеги. Организиравме посета на чешки текстилни фирми во Штип, каде што можеа да се запознаат со локалното текстилно производство и преработка и каде што дојде до склучување неколку договори. На претставниците на македонските фирми и на владините претставници им обезбедивме патување на најголемиот европски машински саем во Брно, каде што се организираше семинар со чешки фирми и инвеститори, на кои им беа претставени условите и државната поддршка за странски инвестиции во Северна Македонија. Цврсто веруваме дека нашите активности ќе вродат со плод и дека бројките во заемниот трговски биланс ќе бидат подобри. Исто така, гледаме голем потенцијал во областа на земјоделството. За оваа пролет подготвивме посета на чешкиот министер за земјоделство со голема делегација на претприемачи. За жал, првиот бран на пандемијата не ни дозволи да нѐ посетат, па се надеваме дека ќе можеме да ја организираме напролет следната година. Исто така, би сакале да ги искористиме нашите подготовки за пивскиот фестивал во Прилеп, каде што за првпат требаше да бидат претставени чешки производители и извозници на пиво и требаше да биде претставена можноста за соработка со малите пиварници. Лично, сè уште верувам дека ќе можеме да го најдеме вистинскиот чешки дистрибутер за македонските вина на чешкиот пазар.

На крајот на минатата година се најави дека чешката компанија „Локо транс“ ќе отвори погон за производство на шински возила, за што беше потпишан и договор со нашата влада за државна помош. До каде е оваа инвестиција и дали има најави и од други чешки инвеститори?

– Да, договорот е потпишан, и колку што знам, се чека потврда на договорот за купопродажба на предметното земјиште, што треба да биде непосредно пред реализација. Пандемијата и поврзаните мерки и ограничувања одиграа значајна улога во доцнењето. Претпоставувам дека ќе биде сторено сè до крајот на оваа година. Веднаш треба да се почне со сите активности за исполнување на намерата за инвестиции што е приближно 20 милиони евра. Верувам дека ова ќе биде добар и јасен пример за другите инвеститори, без разлика дали се поврзани со самиот „Локо транс“ или од други сектори, кои ќе видат дека нивната потенцијална инвестиција тука е изводлива и безбедна.

Секако, пандемијата целосно ги измести сите планови и прогнози. За жал, можеме да прочитаме дека во Чешка ситуацијата драматично се влошила, а и во Северна Македонија се уриваат рекордите во однос на новозаболени. Како сега гледате на онаа изрека „Светот е глобално село“? Дали по пандемијата го гледате светот ист?

– За жал, сегашната состојба со бројот на заразени и смртни случаи секој ден во Чешка е опасна и значително различна од ситуацијата пролетва. Тоа е тренд низ цела Европа и светот. Владата се обидува со сите можни мерки да ја контролира ситуацијата. Ние сме во фаза кога освен одењето на работа и пазарење, сите други активности се забранети, рестораните и училиштата се затворени. Единствената позитивна работа во целата ситуација сега е поддршката од сите пријатели и земји. Помош понудија ЕУ и НАТО во форма на подарок на респираторни машини, ќе дојдат американски лекари и ќе им помагаат на болните и од соседните земји какви што се Германија, Полска или Унгарија. Ова е токму, мислам, фундаментално ветување за иднината дека кога некој пријател ќе падне во неволја, ќе добие несебична помош од неговите вистински пријатели. Како што велиме: „Во неволја пријателот се познава!“ Исто како кога на Северна Македонија ѝ беше потребна заштитна опрема, Република Чешка пролетва, во време на глобален недостиг, достави дури еден милион опрема за работниците од првата борбена линија против коронавирусот.

Би сакал да завршам оптимистички, па дозволете ми да изразам надеж дека со човечката искреност, заедничките напори, пријателството и заемната поддршка, ќе ги надминеме сите пречки и тешкотии во пандемиската криза и ќе го искористиме стекнатото искуство за подобри времиња во заемните односи во рамките на нашата заедничка евроатлантска иднина.

Ви благодарам за можноста да зборуваме за некои актуелни прашања, а оние што ќе сакаат да го прослават нашиот национален празник со нас, им посакувам добра забава.

Ве покануваме на плоштадот „Македонија“ на концерт на Антонин Дворжак

Ги покануваме сите наши пријатели на концертот на еден од најголемите чешки композитори Антонин Дворжак, чии дела ќе бидат претставени од македонски уметници. Снимивме концерт со неговите дела, може да се видат денеска во текот на попладневните и вечерните часови (поточно во периодот од 17 до 19 часот, а потоа од 20 до 22 часот) на големиот видеобим на плоштадот „Македонија“ и од 23 часот навечер на националната телевизија на програмата на МРТ1. Покрај тоа, секој може да го најде концертот на нашата фејсбук-страница и на јутјуб-каналот. Целиот концерт е создаден со поддршка на чешката семејна компанија „Петроф“, која произведува пијана и пијанина веќе 156 години и која годинава произведе и испорача 3 нови концертни големи пијана специјално за чешката вечер на фестивалот „Охридско лето“ и едно од нив беше искористено за нашиот концерт. И бидејќи Република Чешка не е само земја на културата, туку и на пивото, би сакал да ви кажам дека нашиот друг соорганизатор беше Чешката национална пиварница, Будјејовицки будвар, што произведува пиво од 1895 година и е во сопственост на чешката држава.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот