Тетовски пензионери на протест: Да излеземе на улица и да питаме, само тоа ни преостанува

Фото: Слободен печат

Пензионери од тетовско се собраа во кругот на Здружението на пензионери Тетово да го изразат револтот од, како што рекоа, игнорантскиот однос на властите во однос на нивните барање за линеарно зголемување на пензиите од 3.000 денари.

Според нив, постојниот Закон за пензиско и инвалидско осигурување, преку кој се врши усогласување на пензиите во зависност од порастот на платите и трошоците за живот ги довел пензионерите на питачки стап. Функционерите најдоа начин да ги зголемат платите за над 70%, а нас сосема не заборавија, велат тетовските пензионери.

„Значи како можеа за нив 78 % да ги зголемат платите. Изнајдоа начин по брза постапка да ги зголемат платите, тогаш нека изнајдат начин за покачување на пензиите. Ние сме свесни дека тие што отишле во пензија со високи пензии плаќале повисоки придонеси, но сега сме сите пензионери едно исто и нека биде линеарно покачувањето, пазарот за сите е ист. Никој не нпрашува во продавница колку пензија земам јас, а тие што се со повисока пензија нека размислат дека и ние сме луѓе кои треба да живееме, а тие секогаш ќе земаат поголема пензија. Со европско знаменце многу закони ги протнаа, така и ние бараме со европско знаменце да се смени законот и да ни се зголемат линерано пензиите. Треба да мислиме и на тие што земаат 10.000 односно 11.000 денари пензија и за нив треба лекови, а лековите се скапи“, вели една револтирана пензионерка која протестираше во кругот Здружението на пензионери.

„Да излеземе и да питаме на улица треба, само тоа ни останува. Секој пензионер не треба да има помала пензија од 20.000 денари . Не можеме да опстанеме со нашите пензии. Ти стигнало 3.000 денари сметка за струја, за вода, за телефон, велат телефонот е лукзус, нека ни дадат и нас бесплатни телефони како на функционерите што има даваат и ние сме придонеле за оваа држава“, додава друга пензионерка од Тетово.

И додека тетовските пензионери протестираа, од Сојузот на здруженија на пензионери на Македонија пристигнаа препораки и мислења во врска со барањата на пензионерите за линеарно покачување на пензиите. Меѓу нив стои дека не поддржуваат протести, а статусот на пензионерите според Сојузот треба да се решава преку институциите на системот.

„Сојузот со своите членки континуирано и заеднички врз основа на согледувања и анализа како и факти и аргументи поднесува иницијативи до надлежните органи за подобрување на статусот на пензионерите на институционален начин, а не преку протести. Додека не се изврши промена на Законот за пензиско и инвалидско осигуривање, а промена се врши со иницијатива во Собранието, не можеме да имаме линеарно зголемување на пензииите“, стои меѓу другото во препораките и мислењата на Сојузот на здруженија на пензионери.

 

Селвер Мемети претседател на Здружението на пензионери Тетово, вели дека како здружение мора да се придржуваат до препораките на Сојузот, но лично смета да треба што поскоро да се изнајде начин за линеарно покачување на пензиите, со оглед на фактот дека тетовските пензионери претежно работеле во текстилни фабрики каде се земало ниски плати ,а сега земаат мизерни пензии.

„Пензионерите имаат право да протестираат, јас подржувам да има линерано покачување на пензиите од 3.000 денари. Нема посебни продавници за пензионери со ниски и пензионери со високи примања. Тетово е текстилен град. Вработените кои работеле во текстилните погони имале ниски плати и се разбира дека сега добиваат ниски пензии, затоа потребна им е помош “, Селвер Мемети, претседател на Здружението на пензионери Тетово.

Здружението на пензионери Тетово е едно од поголемите во државата, со над 13.000 членови претежно со ниски примања и под 10.000 денари.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот