Тетово е „најпознатиот илиро-албански град на светот“, рече писателот Кадаре откако го прогласија за почесен граѓанин

Во Тетово денеска, на свечена академија, најпознатиот албански писател, Исмаил Кадаре, беше прогласен за почесен граѓанин на градот, а признанието му го додели општината, чијшто совет донесе таква одлука на една од последните седници.

Во своето обраќање, 86-годишниот писател, го нарече Тетово „најпознатиот илиро-албански град на светот“, веројатно во обид со таквиот изблик на шовинизам да им поласка на домаќините кои му укажале чест.

„Досега сум добил многу признанија, но ова признание е многу посебно бидејќи го добивам од Тетово, најпознатиот илиро-албански град на светот. Ме радува што слушам убави зборови од читателите на Тетово, а сега имам можност да се сретнам со нив. Првпат доаѓам во Тетово, но писателот секогаш го чувствува тоа во душата и во своите дела. Верувам дека и понатаму ние ќе комуницираме преку моите дела и преку вашите зборови. Им се заблагодарувам на граѓаните на Тетово кои дојдоа овде лично да се сретнат со мене“, рече Кадаре, обраќајќи им се на присутните на свеченоста.

Кадаре, кој со децении живее во Париз, е член на Француската академија, а во кариерата како писател, поет, романсиер и драматург, има добиено низа големи светски награди.

Фото: Општина Тетово / Фејсбук

Пред Исмаил Кадаре, локалната власт на градоначалникот Биљал Касами и Беса, за почесен граѓанин го прогласи Рифат Јашари, брат на загинатиот командант на косовската ОВК Адем Јашари. За таа одлука не гласаше Советот (кој тогаш сѐ уште не беше конституиран), туку ја донесе лично градоначалникот Касами и денот го нарече „празник за Тетово“. Одлуката за Кадаре беше едногласно усвоена, но советниците-Македонци забележаа дека вакви признанија им се даваат само на Албанци и дека Тетово има заслужни граѓани од македонска националност, кои исто така заслужуваат да бидат прогласени за почесни граѓани.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот