Тетовецот Хајредини од Специјалната олимпијада во Берлин се врати со златен медал,-„знаев дека еден ден ќе се вратам со злато“

Фото: Слободен печат

По десетгодишни напорни тренинзи во лоши услови, на нерамни терени, 35 годишниот Агрон Хајредини од Тетово, лице со церебрална парализа од Специјалната олимпијада во Берлин се врати со златен медал.

Фото: Слободен печат

Првото место го освои во дисциплината скок во далечина од место.

Во неговата категорија беше најдобар меѓу 16-те натпреварувачи ширум светот.

Во Берлин се натпреварувал и на трка од 50 метри, на која за малку му „побегнала“ бронзата, па завршил на четврто место.

„Знаев дека еден ден ќе се вратам со злато. Во Берлин беше многу убаво и се чуствував многу убаво, знаев дека ќе го добијам златото во скок во далечина од место. Јас три пати скокнав, но првиот скок беше најуспешен. Пак ќе продолжам со тренинзите, не се откажувам“, вели Хајредини.

Фото: Слободен печат

Тренира во лоши услови, но тоа не беше пречка да ја оствари десетгодишната посакувана цел, вели неговиот тренер исто така параолимпиец Ифраим Љута.

Со Хајредини, но и останатите лица со посебни потреби тренираме на спортскиот терен од Тетовскиот универзитет, кој нема соодветни услови. Нерамен е и децата се повредуваат, па така и се откажуваат од спортот, кој е повеќе од неопходен за оваа категорија граѓани, вели Љута.

„На лице место може да се види дека ова е стадион кој е нерамен и тоа на Агрон му создава проблеми, но ова е единствениот терен. За атлетика треба стадион со тартан, со стандарди оти градот не е мал, голем е интересот, но поради условите се откажуваат децата од атлетика. Со лицата со попреченост работиме волонтерски, ние ја претставувавме државата, како дел од Специјалната олимпијада од Македонија“, вели Љута.

Тој додаде дека општината и централната власт имаат обврска да помагаат и создаваат услови за оваа категорија граѓани.

„Ако има подобри услови ќе има и поголем интерес, локалната власт има обврска да се грижи за спортот оти без спорт не можеме да имаме здраво општество, додаде Љута.

Македонските олимпијци на Специјалната олимпијада во Берлин освоија пет медали, од кои едно злато, две сребра и две бронзи.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот