Тетовци и гостиварци добиваат наводни пораки од српското МВР: Ако не го контактираат, ќе бидат казнети како педофили и порнофили
СВР Тетово денеска испрати до јавноста предупредување дека се можни измами по неколкуте пријави до нив дека граѓани и правни лица добивале наводни пораки од српско Министерство за внатрешни работи.
Препорачано
Од граѓаните било барано да ги контактираат испраќачите со цел да не бидат регистрирани како сексуални престапници.
Во последно време до физички и правни лица од тетовско-гостиварското подрачје зачестено се испраќаат пораки од лица кои во пораките им се претставуваат како наводни функционери на српското Министерство за внатрешни работи и ги известуваат дека против нив се покренати наводни судски постапки за педофилија, сајбер порнографија или други кривични дела.
Покрај ова, во испратените пораки од нивните приматели се бара во рок од 72 часа да контактираат со испраќачите за да не бидат процесуирани кај Јавен обвинител, да не бидат регистрирани како сексуални претстапници и да не бидат медиумски експонирани, вели Марјан Јосифоски портпарол на СВР Тетово.
Граѓаните да не ги отвораат ваквите пораки, апелира СВР Тетово, а ако веќе ги отвориле, да се обратат во најблиската полициска станица за преземање соодветни мерки.


