Терористите ги вратија редот, лебот и интернетот во Алепо

Пазар под градската цитадела во Алепо - Фотографија ЕПА, Билал ал Хамуд

Една недела откако владините сили беа протерани од Алепо, жители на вториот по големина град во Сирија тврдат дека животот „полека се нормализира“

Исламистичките бунтовници што во голема и брза офанзива ги протераа сириските владини сили од Алепо и од Хама, итно настојуваат да остават добар впечаток пред локалните жители, барем да се претстават како подобри владетели од режимот на Башар ал Асад.

Една недела откако владините сили беа протерани од Алепо, жители на вториот по големина град во Сирија тврдат дека животот „полека се нормализира“.

Укинат е полицискиот час, во пекарниците повторно има леб, а униформирани лица го регулираат сообраќајот на главните крстосници. Подобрени се сигналот за мобилна телефонија и пристапот до интернет, преку мрежа поставена од бунтовничките сили. Ова го потврдуваат изјави на неколкумина жители на Алепо и снимки од репортер на Ројтерс.

Мерките за нормализирање на секојдневниот живот се клучен дел од кампањата на Хајат ал Тахрир ал Шам, терористичка група која беше позната како Ал Нусра фронт и како дел од глобалната мрежа на Ал каеда. Аналитичари тврдат дека целта на ХТС е да се претстави како поприфатлива алтернатива на сириската администрација и да добие уште поголема поддршка од народот за да ги прошири и влијанието и териториите под контрола.

Под раководство на Абу Мохамед ал Голани, групата си го смени името и настојува да си го крене рејтингот, но сѐ уште фигурира како терористичка на списоците на Обединетите нации, САД и Турција.

Збогум Ал каеда

ХТС се издвои од Ал каеда во 2016 година и објави дека „повеќе не претставува закана за Западот“. Во деловите од сириската провинција Идлиб што беа под контрола на групата е воспоставена граѓанска администрација, наречена Влада на спасот, која веќе пет години управува со околу 3 милиони луѓе. Регионалната влада се составува по избори, легализирано е користењето на турската лира, а воспоставена е и мрежата за мобилна телефонија „Сирија фон“.

Властите избегнуваат екстремна интерпретација на шеријатските закони.

ХТС настојува да ја освои довербата од жителите – Фотографија ЕПА, Билал ал Хамуд

Но, голем предизвик е проширувањето на власта врз Алепо, град со повеќе од 2 милиона жители и богата историја. Алепо, еден од најстарите континуирано населени градови во историјата, до пред граѓанската војна беше најголем во Сирија и меѓу 20-те најголеми градови во арапскиот свет.

Војната не ги истерала христијаните од Алепо, за разлика од многу други места во Сирија и низ регионот. Тие во неделата непречено биле на литургија, на која учествувале и бунтовнички борци. Во градот низ граѓанската војна останале и другите историски малцинства – Ерменци, Курди и шиити. Новите власти не само што не ги протерале странските новинари, туку и им обезбедуваат заштита и редовно ги информираат со соопштенија.

– ХТС знае колку се големи предизвиците. За да се контролира толку многу народ мора да има функционални сервиси – вели Навар Шабан од истанбулскиот аналитички центар Хармун.

Репортерите јавуваат дека не е сѐ толку „розово“ под власта на исламистичките бунтовници. На улиците на Алепо се натрупало ѓубре. Вредноста на сириската фунта паднала од 22.000 на 15.000 за еден долар. Граѓаните стравуваат дека нема да имаат доволно вода и гориво за греење за време на зимата.

Има леб, вода потешко

Но, наспроти високите цени, многумина се задоволни поради слободното движење и работата на зелените пазари, пекарниците и бензинските пумпи.

– Водата е проблем, но на пекарниците им оди подобро, можеби поради подобрената дистрибуција и помошта што ја добиваат – изјавил за Ројтерс Саид Ханаја, 42-годишен сопственик на минимаркет.

Борци на ХТС во црни униформи во четвртокот отвориле центри во кои на поранешните и на дезертираните припадници на сириската армија им нуделе картички што им гарантираат заштита од какво било одмазничко гонење.

Ал Голани најави дека Владата на спасот нема да го опфати и Алепо, туку ќе биде формирано преодно тело, кое ќе побара од сите борци да се повлечат од граѓанските реони.

Новитет за жителите се и истакнатите цени на горивата на бензинските пумпи, и тоа во сириски фунти, турски лири и американски долари.

– ХТС се надева дека ќе добие признание од меѓународната заедница поради начинот на кој владее на териториите што ги освои – вели Шабан.

Западот реагира претпазливо. Стејт департментот соопшти дека ХТС останува на американскиот список со терористички организации и повика на „процес за деескалирање“.

Хама го памети масакрот на Асад

Сѐ уште нема најави што ќе се случува во новоосвоениот град Хама, но бунтовниците таму може да очекуваат поголема поддршка од населението. Жители уште го паметат масакрот од февруари 1982 година, кога силите под команда на тогашниот претседател Хафез ал Асад, таткото на актуелниот претседател Башар ал Асад, за еден месец убија меѓу 10.000 и 40.000 луѓе во Хама. Рифат ал Асад, братот на Хафаз и командант на артилериската единица што го разурнала градот, го добил прекарот „Касапинот од Хама“. Рифат дури годинава беше обвинет за воени злосторства и злосторства против човештвото поради масакрот во Хама. Од 2021 година по него е распишана меѓународна потерница.

Со околу 1 милион жители, Хама е четвртиот според големина град во Сирија. Во него во 2011 година почнаа најголемите протести против власта на Башар ал Асад. Владините сили се повлекоа во градот во почетокот на 2012 година, но се вратија по брутална офанзива неколку месеци подоцна. На лидерот на демонстрациите демонстративно му било пресечено грлото.

Ал Голани објави дека борците под негова команда „ќе ги залечат раните што крварат 40 години“. Првиот потег на новите власти беше ослободување на сите затвореници.
Исламистичките бунтовници полека напредуваат и кон Хомс, третиот според големина град во Сирија. Хомс е портата кон морето за Дамаск, кој е оддалечен 40 километри, но и важен стратегиски центар со две големи рафинерии.

– Ако бунтовниците успеат да го заземат и Хомс, тие под своја контрола ќе ги имаат три од четирите најголеми градови во Сирија и ќе го отсечат главниот град од брегот – вели Арон Лунд, експерт за Сирија во њујоршката група „Сенчри интернешнел“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот