Теохарис: Туризмот не е причина за вториот бран од пандемијата
Земјите како Израел, кои не ги отворија своите граници или Кипар, што презеде построги мерки, не го избегнаа вториот бран на пандемијата, Грција е безбедна и ова е докажано во секој поглед, истакнал министерот за туризам на Грција Харис Теохарис за време на состанокот, преку видеоконференција со претседателот и претставниците на Конфедерацијата на туристички бизниси на Грција, јави дописничката на МИА од Атина.
И претседателот на Конфедерацијата на туристички бизниси на Грција, Јанис Рецос истакнал дека туризмот не е виновен за вториот бран од пандемијата.
-Туризмот е навикнат да биде виновен за многу работи во изминатите години, а тоа се случи и сега. Сегашната состојба не може да се поврзе со летниот туризам. Податоците на Националната организација за јавно здравје се очигледен доказ – истакнува Рецос.
На состанокот, како што соопштија од Министерството за туризам, била направена проценка на туристичката сезона, биле оценети позитивните резултати во Грција и покрај застрашувачките прогнози и биле разменети мислења за следната година.
-Перспективите за следната година ќе бидат тешки бидејќи верувам дека конкуренцијата ќе се интензивира во голема мера – потенцирал министерот за туризам на Грција и додал дека иако под тешки околности, 2020 година завршува успешно за грчкиот туризам.