Тензично е во Собранието, излагањето на Трајанов ги скара ВМРО-ДПМНЕ и малите партии

Собрание на РС Македонија / Фото: СП. архива

Вербален дуел меѓу пратеници од малите политички партии и од ВМРО-ДПМНЕ, кои се обиуваат да ги натераат да ѝ откажат поддршка на новата влада, го одбележа попладневниот дел од седницата на Собранието посветена на изборот на новиот владин кабинет.

Повод за тензиите беше обраќањето на пратеникот и лидер на Демократскиот сојуз, Павле Трајанов, кој посочи на неколку приоритети што според него треба да ги оствари новата влада, при што побара и преиспитување на правилот за Бадентерово мнозинство.

„Разочарување и незадоволство се присутни на секој чекор, но и надежите дека е можен пресврт на подобро. Но треба да ги засукаме ракавите и да работиме. Прво, доста е со говори, стратегии, платформи за реформи во правосудниот систем, да направиме кредибилен судски систем, законите да важат за сите. Да обезбедиме фер судење и правда, да се преиспитаат монтираните судски процеси. Ако нема правда, нема ниту мир. Ако нема правна сигурност, бега капиталот но и младите“, рече меѓу другото Трајанов.

Неговото обраќање повлече напади од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ кои оценија дека често критикува, а упорно останува да биде дел од владејачката коалиција, со повик еднаш да преземе одговорност за состојбите, бидејќи според опозицијата, и неговата партија го носи товарот од сите скандали на власта. Притоа малите партии што се дел од новата владеjaчка коалиција беа посочени како „лоши политичари, а добри роднини“, бидејќи успевале, според пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, успешно да вработат свои роднини и членови во институциите.

-Се заканувате дека ќе излезете од коалицијата ако не добиете една изборна единица. Еве ви кажувам, нема да ја добиете и нема да направите ништо. Како што ве лажеше Заев, ќе ве лаже и новата гарнитура, му порачаа од ВМРО-ДПМНЕ на Трајанов.

На ваквите навреди реагираше пратеничка и претседателка на ДОМ, Маја Морачанин, повикувајќи на етичкиот кодекс за пратениците, со оценка дека „не можат вака да се навредуваат цели политички партии врз основа на паушални оценки“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот