Павле Трајанов предлага нова и независна Агенција за борба против криминалот

Павле Трајанов/Фото: МИА

На денешната расправа во Собранието за избор на новата влада, пратеникот и претседател на Демократскиот сојуз, Павле Трајанов, рече дека „ни треба визија за иднината на Македонија“

„Сакам да нагласам само неколку приоритети на кои треба да бидеме посветени и да испорачаме резултати. Прво, доста е со говори, стратегии, платформи за реформи во правосудниот систем, да направиме кредибилен судски систем, законите да важат за сите. Да обезбедиме фер судење и правда, да се преиспитаат монтираните судски процеси. Ако нема правда, нема ниту мир. Ако нема правна сигурност, бега капиталот но и младите. Второ, од понеделник натаму, силна и бескомпромисна борба против тешките облици на криминал и високата корупција. Седум институции се вклучени во откривање и сузбивање на криминалот, но тие се партизирани, некоординирани, затоа предлагам Закон за борба против тешките облици на криминал и висока корупција, како и формирање на независна Агенција за борба против криминалот“, рече Трајанов.

Тој побара и „коренити реформи на изборните правила“.

„Македонија да биде една изборна единица законски услови за рамноправен политички натпревар. Четврто, имплементација на европските стандарди и реформи согласно поглавјата за членство во ЕУ, независно што и натаму трае блокадата од Бугарија. Овде сакам да ги потенцирам црвените линии, никој не сме да го загрози нашиот национален идентитет, јазик историја, културни и други карактеристики и обележја на Македонскиот народ. Петто, да се отвори расправа за системски промени, преку промени на Уставот за јакнење на одговорноста, отворање на расправа за Бадентер, затоа што се злоупотребува или селективно се применува и сл.“, рече Трајанов во излагањето пред пратениците.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот