Технички проблем или политичка „кујна“ наместо вести на МРТ!?
Инцидентот што се случи во средата навечер отвори прашања за стабилноста и за организацијата на јавниот сервис. Иако од раководството тврдат дека станува збор за класичен технички проблем, експертите предупредуваат дека системот мора да има резервни решенија во вакви ситуации.
Зградата на Македонската радио-телевизија (МРТ) е проектирана да емитува програма дури и за време на земјотреси, поплави или воени состојби, па затоа е тешко да се поверува дека „технички проблем“ ја спречил да ги емитува своите вести во вечерните термини во средата. Ова е ставот на повеќемина медиумски експерти, кои велат дека оправдувањето на раководството на јавниот сервис дека технички проблем е причина да не се емитуваат вестите што со децении се симбол на јавниот сервис, едноставно „не држи вода“. Наместо дел од програмската шема, во вечерниот термин јавниот сервис емитуваше кулинарска емисија, а во терминот за изборно соочување се емитуваше филм.
Препорачано
Познавачите истакнуваат дека МРТ отсекогаш имала резервен систем, алтернативно студио и опрема за емитување во секоја ситуација, па ако и тој резервен систем не бил во состојба да се активира, додаваат тие, тогаш некој дефинитивно не си ја работи својата работа.
Директорот на МРТ, Марјан Цветковски, пак, во разговор за „Слободен печат“ не отстапува од тврдењето дека станувало збор за голем технички проблем, а како што вели, не би го чудело и да станува збор за хакерски напад.
– Се соочивме со голем технички проблем, ем хардверски ем софтверски. Едноставно, не функционира „њуз-системот“ и затоа не бевме во состојба да емитуваме вести. Во моментов утврдуваме дали станува збор за хакерски напади и дали тие напади се внатрешни или надворешни. Ве уверувам дека не се работи за ништо друго освен за класичен технички проблем кој наскоро ќе го решиме – изјави Цветковски.
Но, експертите остануваат скептични. Некои дури тврдат дека се работи за длабок организациски пропуст, а не за изолиран технички проблем.
Универзитетскиот професор и медиумски експерт Сефер Тахири за „Слободен печат“ забележува дека не може цел систем да падне без да постои алтернативно решение.
Тој вели дека јавен сервис што не може да емитува вести не е јавен сервис, туку сигнал за хаос.
– Воопшто не бев изненаден од ваквиот преседан. Јас сум бил дел од МРТ и многу добро знам како таму се одвиваат работите. И во минатото кога сме имале политички одлуки или политички наредби, секогаш се барал излез преку изговорот дека се случил некаков технички проблем. Мислам дека тоа е многу евтин и веќе прочитан трик. Самата зграда на МРТ е проектирана да емитува програма и за време на непогоди, па никаков технички проблем не смее да ги остави граѓаните без вести. Дополнително симптоматично е тоа што ова се случува во предизборие, а тоа уште повеќе докажува дека овој медиум е некаква хибридна форма меѓу сервис што е малку јавен, а малку владин. Мислам дека крајно време е во земјава да преовладее разумот дека одредени институции мора да бидат независни ако ние сакаме да продолжиме по европскиот пат – изјави Тахири.
Тој гледа проблем и во изборот на членовите на Програмскиот совет.
– Погледнете го изборот на членови на Програмскиот совет, кој требаше да биде натпартиска неполитичка институција, односно требаше да биде орган што немаше да зависи од политичката волја на политичките партии. За жал, ние видовме класичен политички пазар помеѓу владините партнери со дел од помалите опозициски партии. Тоа доволно кажува дека во државата нема политичка волја овој медиум да функционира според професионалните стандарди на западно-европските земји – објаснува нашиот соговорник.
Слично мислење дели и Снежана Трпевска, експерт за медиумски политики, која во изјава за „Слободен печат“ забележува дека е направен голем програмски пропуст на јавниот сервис.
– Сум работела во МРТ и многу добро знам дека отсекогаш постојат резервни студија за емитување програма. Ако се случи некаква непогода, тогаш сигналот автоматски се префрла во резервното студио и практично не постои опасност граѓаните да останат без програма. Сметам дека процесот на управување со медиумот не се води доволно добро и не се водел доволно добро во минатото. Така што, не би ме чудело овој преседан да е последица на лошо менаџирање на продукцискиот процес – вели Трпевска.
Особено е важно да се нагласи, додава таа, дека освен тоа што е избран Програмскиот совет, на сите други органи им е истечен мандатот.
– Истечен им е мандатот на членовите на Надзорниот одбор. На директорите, исто така им е истечен мандатот. Затоа, многу е проблематично во вакви услови да работи Програмскиот совет. Според мене, требаше Програмскиот совет веднаш да избере нови органи, но сега е доцна за такво нешто. Но, се јавува друг проблем, односно се доведува во прашање носењето нова програма за работа на МРТ за следната година и носењето финансиски план за таа програма. Со други зборови, во МРТ владее хаос – објаснува Трпевска.
Дополнителна сенка фрла и сомнежот дека проблемот можеби е поврзан со копродукцијата преку која МРТ ги емитува вестите.
Актуелен член на Програмскиот совет, кој сакаше да остане анонимен вели дека самиот факт што јавниот сервис користи копродукција за вести е скандалозен.
– Самата идеја дека надворешен субјект има техничка улога во најважниот дел од програмата – е недозволива. Не би било ништо чудно доколку МРТ користи копродукција за емитување документарни филмови, квизови или емисии, ама зошто МРТ користи копродукција за емитување вести? Не може никој да ме убеди дека МРТ не може да си дозволи доволно ресурси за самостојно да емитува вести. Не можам да тврдам, но постојат сомнежи дека техничкиот проблем е токму во копродукцијата – изјави нашиот соговорник.
Емитувањето на програмата на МРТ во моментов се одвива без проблеми. Утрово во 10 часот се емитуваа утринските вести, а на веб-страницата се објавуваат содржини, вести и снимени емисии.
Ова досега не се случило – МРТ не емитуваше ТВ-дневник, а објаснување нема


