Техничката влада на чекор од укинување
Висок функционер на Владата за „Слободен печат“ вели дека финалната верзија на измените на Законот за Влада веќе е доставена до Владата, иако опозицијата е против и тешко дека ќе се постигне консензус за тоа прашање кога предлогот ќе стаса во Собранието
Власта не отстапува од намерата да ја укине техничката влада, иако опозицијата е против и тешко дека ќе се постигне консензус за тоа прашање. Висок функционер од Владата за „Слободен печат“ вели дека финалната верзија на измените на Законот за Влада веќе е доставена до Владата. Речиси сите опозициски партии се против укинувањето на „пржинската влада“ иако се разликуваат во причините и аргументите зошто нема да ја дадат својата поддршка за предлогот.
Препорачано
– Финалната верзија на предлогот за измени на Законот за Влада веќе е доставена во Владата и очекувам наскоро предлогот да помине на владина седница, по што тој ќе биде доставен до пратениците. Останува предлогот техничката влада да важи уште на следните избори, односно таа да се укине за парламентарните изборите потоа. Со ова, предлогот ќе го содржи компромисното решение – техничката влада да не се укине веднаш, бидејќи СДСМ се противеше таа да се укине веќе на следните избори – вели висок владин функционер.
Предлог-законот ќе прецизира и во кои министерства опозицијата на следните парламентарни избори ќе има свои министри и дополнителни заменици-министри, односно предвидува и усогласување во однос на ресорите, откако со Законот за реорганизација на владата Министерството за труд и социјална политика се подели на две – Министерство за социјална политика, демографија и млади и Министерство за економија и труд. Министерството за информатичко општество и администрација се подели на Министерство за дигитална трансформација и Министерство за јавна администрација. Според функционерот, во консултации со СДСМ, опозициската партија и на следните избори би имала технички министри за внатрешни работи и за социјална политика, а дополнителни заменици во јавна администрација, финансии и земјоделство.
Од СДСМ остануваат на ставот дека се против укинување на техничката влада. Според социјалдемократите, укинувањето на техничката влада може да се случи кога општеството ќе биде зрело и подготвено според европските стандарди. Од СДСМ сметаат дека слободната волја на граѓаните, демократијата и фер избори не се прашања за политички пазар и дека се неопходни реформи по европски стандарди. Пратеникот од СДСМ Фатмир Битиќи, и наспроти тврдењата на лидерот на премиерот дека ќе нема предвремени избори, е уверен дека тие сепак ќе се случат. Еден од знаците што говори во таа насока е тоа што Владата го отвори прашањето за укинување на техничката влада.
– Техничката влада е тело што секогаш мора да биде таму, сè додека не го искорениме инженерингот и влијанието врз демократските избори во нашата земја. Брзањето за укинување на техничката влада е знак дека ќе има предвремени избори, бидејќи мислам дека има попаметни работи со кои треба да се занимава Владата од прашањето за техничката влада – вели Битиќи за ТВ Канал 5.
Аргумент повеќе дека техничката влада треба да е укине, според премиерот Христијан Мицкоски, е и одлуката на ПССЕ во Стразбур за затворање на постмониторинг дијалогот со Македонија, што значи дека Македонија е зрела демократија.
Од ДУИ сè уште не се изјаснуваат дали ќе го поддржат предлог-законот за укинување на техничката влада. Оттаму велат дека лидерот Али Ахмети се консултира со претставниците на ЕУ и на САД, но не откриваат што му сугерирале меѓународните претставници за тоа прашање. Ахмети на лидерската средба рече дека ДУИ дополнително ќе се консултира со странците пред да пресече за техничката влада.
– Ставот дали ќе поддржиме укинување на техничката влада, ќе го кажеме откако предлогот ќе биде доставен до Собранието. Не знаеме дали нешто е сменето од драфт-верзијата што ни беше доставена. Да видиме какви промени се нудат, дали забелешките на другите партии се вградени во предлогот, да анализираме и да видиме дали ќе поднесеме амандмани за подобрување на предлог-законот – велат од ДУИ.
Веќе објавивме дека и од Левица не прецизираат дали ќе поддржат укинување на техничката влада. На лидерската средба Левица се изјасни таа да се укине, но како услов за поддршка на предлогот побараа да се воведе една изборна единица. Во партијата имаат дилема затоа што предлогот е техничката влада одложено да се укине, додека тие се залагаат тоа да се укине веќе на следните избори.
И двете крила на опозициската Алијанса за Албанците сметаат дека не треба да се укине техничката влада бидејќи не се исполнети условите за тоа.


