Театарски осврт кон претставата „Разведи ме“: Што е прво – бракот или љубовта?

Актерите Роберт Ристов и Мирјана Поповска Ристов во претставата „Разведи ме“

По повод претставата „Разведи ме“ во продукција на театарската трупа „Провокација“; играат Мирјана Поповска Ристов и Роберт Ристов, а во снимените видеа играат актерите Зорица П. Панчиќ, Љубиша Савановиќ (гостин од БиХ) и Благоја Чоревски.

На вратата на Домот на културата „Ацо Шопов“ во Штип се редеа театарски адоранти. Сѐ повеќе жени, сѐ помалку мажи. Салата се полнеше дел по дел – од партерот кон мезанинот. „Ехеј!“ – наеднаш редарот извика. „Вака ако продолжиме, ќе ги прекршиме ковид-мерките!“ Распоредени според пропишаните прописи за борба против злото, театарските адоранти, сѐ повеќе жени, сѐ помалку мажи, со нетрпение очекуваа да почне претставата со назив „Разведи ме“.

Исправен ко на стража чекав и јас. И додека чекав се присетив на мојата песна „Не треба да сме блиски“ објавена во стихозбирката „Три бои на љубовта“, излезена од печат пред само неколку месеци: „Ме плаши тоа/ Да станеме љубовници/ Зашто тогаш ќе имаме љубов/ Ама живот во бракот ќе немаме.“

Претставата почна. Актантите на сцената се претставија преку изјавите диктирани од чувствата, заложници на животородните сокови во вените. Изгледаше дека брачната заедница – бродот во шишето, каде и да исплива ќе носи само пораки од типот: „Биди во брак, ако сакаш да го победиш секој животен мрак!“ Сценската игра нѐ водeше, со мали – мирни чекори, кон сознанието дека мора да се роди бракот, ако сакаме да заживее љубовта. Зашто без бракот таа би била само сламка во чаша од која е исцедена и последната капка сок. Бракот е ХТЗ униформа. Стокмени во неа не само што ќе ги заштитиме чувствата од било какви повреди, туку и отворените рани ќе имаат сѐ помалку сведоци.

Се навестува агон. Неретко само што ќе изгрее сонцето и ќе влее надеж дека денот ќе ни биде токму погоден, некое облаче, од нигде никаде, ќе го покрие и ведрите мисли ќе исчезнат како со рака однесени. Назад кон изгревот на сонцето, кон девствената надеж, нема враќање. „Ехееј, зарем едно мало безначајно облаче да ни го украде сонцето?“ – ќе извика некој. Мало, мало, ама ете, штом ќе се појави, никој повеќе не гледа во небото, туку само во облачето, кое како што протекува времето, така станува сѐ поцрно и поцрно од громовите и молњите што ги насобрало во себе.

Така би во претставата. Наеднаш актантот – маж, скокна против актантот жена. Се појави агонот како плод на изневера. Од милионите стрели што му го погодија срцето на мажот, му се згади животот. Ништо не беше толку вредно за да му го запре блуењето. Ве-це шолјата во прегратки, танцот со неа, му ја отсликуваше позицијата на брачниот подиум. Соочен со стварноста, оти онаа во која најмногу верувал, по примерот на Далида, му ја ошишала машкоста, се нафрла врз женскиот свет, решен да го сруши, да го уништи како грешка на природата.

Перење на мозоците! После таквата операција, бракот ја покажува основната боја која не изгледа баш пријатно. Материјалот не може да издржи уште едно перење. Му се распарува содржината, се појавуваат нитки од кои може да се направи само бесилка и ништо друго. Го беси таа него! Ја беси тој неа! И така бесејќи се потврдуваат дека брачната заедница ги признава само мажот и жената, сите други, децата, на пример, се мигранти за кои постои, или не постои никаков закон со кои се третира нивната присутност. Поразително, ама вистинито – во претставата не го слушнавме гласот на децата, нивните изјави дали се согласуваат, нивните родители да се разделат како од брачната заедница, така и од животот.

Фигурално предметната композиција е изградена со усет на мајстор што има јасна претстава за сценската геометрија во која театарските реалитети треба да ја создадат композицијата што треба да биде: јасна, гласна, разбирлива и видлива.

Сцената во Домот на културата, некои би рекле не е за театар, голема е. И навистина е голема, но актерите се покажаа поголеми од неа. Го совладаа секое нејзино делче. Функционираше од сите страни. Беше преполна, иако во сценографијата се користеше минус постапка.

Во еден меѓусебен разговор Љубиша Георгиевски ми рече: „Убава претстава се препознава и на работно светло. Ако претставата можеш да ја доживееш, да ги слушнеш и видиш актерите, од четиринаесетти ред во партерот, тогаш претставата е успешна.“ Оваа претстава беше успешна!

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 104, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 6-7 ноември 2021)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот