ТЕАТАРСКИ ОСВРТ: Емотивна актерска спирала што нема граници

Претставата „Мојот маж“ поставена на сцената на Драмскиот театар во Скопје во режија на Нела Витошевиќ веќе со премиерната изведба предизвика огромен интерес на театарската публика и наредните неколку изведби веќе се распродадени.

Шест раскази од збирката „Мојот маж“ на Румена Бужаровска надградени со авторски монолози од актерската екипа, според отворениот концепт на режисерката Нела Витошевиќ, ја прават драмската структура на новата претстава во Драмски театар. Првиот знак што повикува на зголемен интерес очигледно е спојот на македонски автор и режисер. Такви споеви и порано одлично функционирале во Драмски, како, на пример, Стефановски/Унковски, или Насев/Станкоски. Во овој случај станува збор за две неверојатно талентирани дами на македонската уметничка сцена, Бужаровска, која со своите книжевни дела веќе излезе надвор од границите на нашата држава, и режисерката Витошевиќ, која во изминативе неколку години постави одлични претстави во неколку македонски театри.

Заеднички интерес на двете авторки се горливите прашања во нашето општество погледнати од женска перспектива, а сето тоа отелотворено со внимателно направен кастинг на талентирани актерки и актери. Во случајот со „Мојот маж“ во игра се Сара Климоска, Емилија Мицевска, Наталија Теодосиева, Сања Арсовска, Трајанка Илиева – Вељиќ, Игор Ангелов, Филип Трајковиќ и Исмет Шабановиќ. Предизвикот што тие го прифатиле е да креираат тотален театар, во кој драмското и личното ќе се движат по спирала што нема граница. Или, пак, граница може да бидат само индивидуалните талент, енергија, емоција и волја. Токму затоа ликовите во претставата, а сите актери и актерки на сцената играат по неколку плус сопствениот, се толку реалистични и уверливи. Отворениот процес поставен како концепт е видлив во моментите кога секој од нив излегува од драмскиот лик и влегува во сопствената личност. Изразот на емоцијата што се појавува во едната и во другата состојба е магнет што постојано ќе ја влече публиката да ја гледа претставата, дури и повеќепати.

Според згуснатата драматургија, која фантастично ја направиле Нела Витошевиќ и Викторија Рангелова-Петровска, станува збор за колективна претстава во која сите актерки и актери се два и пол часа на сцената и сите промени од сцена во сцена, на моменти со секавична брзина, се случуваат пред очите на публиката. Актерските енергија и емоции цело време лебдат над драмското дејство во етерична смисла и не дозволуваат ниту за момент да го одвоите погледот од сцената. Наспроти динамиката во актерската игра поставена е масивна статична сценографија со строга геометриска форма, која точно го фокусира погледот кон сцената, додека костимографијата е дел од режисерскиот концепт на драмското и личното со белези на ликовите од расказите на Бужаровска, но и на личностите на актерите, со маички на кои се испринтани фотографии од нивниот живот. Соработници во овој сегмент, не само во оваа претстава на Витошевиќ, се Костантин Трпеноски и Роза Трајчевска-Ристоска.

Мигновените трансформациите на Сара Климоска, ранливите емоции на Сања Арсовска и Наталија Теодосиева, динамиката на Емилија Мицевска и Трајанка Илиева-Вељиќ, како и психолошката балансираност на машкиот дел од екипата, Игор Ангелов, Филип Трајковиќ и Исмет Шабановиќ, веруваме долго време ќе бидат магнет за публиката во Драмски театар.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 19, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 22-23 февруари 2020 година)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот