Татковците се бунат: Мајките го користат коронавирусот и полицискиот час како изговор да не им ги даваат децата

unsplash
Фото: Unsplash

За ваквата појава алармира Наум Рибароски, претставник на здружението Заедничко родителство и по развод.

Епидемијата на коронавирусот, воведувањето на вонредна состојба и полициски час, им го отежна животот на децата кои имаат разведени родители. Имено, поради неможноста да се договорат двајцата поранешни партнери, и поволната состојба која што ја има родителот кој го добил старателството, голем процент од децата на разведени родители, си ги немаат видено татковците (бидејќи најчесто живеат со мајки) откако се воведе полицискиот час.

За ваквата појава алармира Наум Рибароски, претставник на здружението Заедничко родителство и по развод.

– Не знаеме каде да се обратиме, не знаемее кој е надлежен, јас немам проблем, но 90 проценти од луѓето не ги гледаат децата. Поранешните сопруги како причина ја наведуваат вонредната состојба, и самоволно ги прекршуваат решенијата. За овој проблем знаат и Центрите за социјални работи. Во некои центри кажуваат дека се суспендирани решенијата за видување,  во што ние не веруваме. Во други кажуваат, никаде не пишува дека е забрането да се гледаат децата, но родителите на децата сами да се договорат. Ама ако можеле да се договорат, не би имало потреба од инволвирање на центрите – вели Рибароски во изјава за Слободен печат.

Околу 95 проценти од секундарните родители се татковци, а околу 90 проценти од нив имаат проблем да ги гледаат децата за време на полициски час, објаснува тој.

– Мајките не сакаат да направат никаков компромис во однос на часот кога треба да се преземе детето. На пример ако во решението за видување пишува дека треба во недела во 19 часот таткото да го предаде на мајката, а знаеме дека полицискиот час почнува во 16, мајките не оставаат простор за компромис, детето да се врати до 16, или евентуално да преспие кај таткото, па другиот ден да се однесе кај старателот – вели Рибароски.

Засегнатите родители бараат од Министерството за труд и социјална политика да излезат со став и соопштение, во кое би се прецизирале начините според кои ќе се раководат поранешните сопружници, а се со една цел, никому да не му биде одземено правото да биде со својот родител или дете.

– Во соседните држави веќе видовме дека рестрикциите за движење не ги нарушија родителските права. Ние бараме и кај нас да се овозможи слободно движење кога децата треба да одат од едниот кај другиот родител – објаснува Рибароски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот