Таравари ја постави за директорка на дебарската болница истата докторка која доби кривична пријава за лажен сертификат по англиски

Арбен Таравари / Фото: Слободен печат / Драган Митрески

Докторката Севдије Коџа добила решение од министерот за здравство Арбен Таравари дека е нова директорка на болницата во Дебар, потврди самата за „Слободен печат“, откако Министерството за здравство со денови не одговара на ова едноставно прашање поставено од нашата редакција. Станува збор за истата личност за која МВР во февруари годинава поднесе кривична пријава за „употреба на документ со невистинита содржина“.

„Пријавената С.К. вработена во Општа болница Дебар, набавила лажен меѓународен  сертификат за познавање на англиски јазик, издаден од училиште за јазици од Република Бугарија. С.К. го употребила сертификатот за познавање англиски јазик при аплицирање на конкурс за именување директор на ЈЗУ Општа болница Дебар, по што од министерот за здравство била именувана за вршител на должноста – директор на ЈЗУ Општа болница Дебар“, пишува во билтенот на МВР од 14 февруари годинава.

– Не знам зошто така се пишуваше за мене во медиумите. Минатиот октомври бев на едукација во Сингапур со таа диплома и сè беше во ред. Така што не знам зошто така се пишуваше за мене во медиумите, немам добиено никаква пријава на мојата адреса – изјави докторката и нова директорка за „Слободен печат“.

Таа вели дека министерот за здравство ѝ барал само уверение за неосудуваност. На нашето прашање каков сертификат за познавање англиски јазик приложила сега кога аплицирала за директорка, таа вели дека не ѝ бил побаран и не приложила сертификат.

Се обративме во Јавното обвинителство со прашање дали Коџа е ослободена од обвинение, но одговор не добивме.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот